Со ВМРО-ДПМНЕ Прилеп стана небезбеден град, прилепчани не се безбедни во своите маала, улици, дворови. Целата јавност е потресена од трагедијата што викендов се случи во Прилеп. Случај што го открива дното до кое е доведена безбедносната состојба во градот. Овој монструозен чин ја потврдува суровата реалност: Прилеп е во сериозна безбедносна криза! Граѓаните живеат во страв, а државата, институциите и полицијата во Прилеп се парализирани, неспособни и неми, изјави на прес-конференција, Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ – Прилеп.
„Последниот случај е само кулминација на безредието што подолго време владее во Прилеп, под „раководство“ на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски.
Во последната година во Прилеп се запалени 24 возила!
Опожарен е ноќен клуб.
Во дворови на куќи се фрлаат бомби и се поставуваат експлозивни направи.
Угостителските објекти се претворија во бојно поле – места на насилства, тепачки и оружени пресметки.
Во Центарот за социјална работа во Прилеп се случи инцидент со пукање, каде службеничка се здоби со прострелна рана.
Ова не е нормално.
Министерот Панче Тошковски и раководството на полицијата во Прилеп не само што не ги спречуваат овие инциденти, туку со својата незаинтересираност и неспособност ги охрабруваат.
Под нивно водство, МВР е паднато на колена, институциите се потчинети на партиски интереси, а граѓаните оставени сами на себе.
Уште колку жртви треба да паднат за некој да понесе одговорност?
СДСМ бара оставка од министерот Панче Тошковски и итна одговорност од раководството на СВР Прилеп!
Бараме началникот и командирот веднаш да бидат разрешени“, истакна Лукароска.