Англискиот репрезентативец и поранешен капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, потпиша двегодишен договор со Брентфорд, објави денеска премиерлигашот.
Триесет и петгодишниот Хендерсон се врати во Премиерлигата откако го раскина договорот со Ајакс, а ќе го засили средниот ред на Брентфорд по заминувањето на Кристијан Норгард во Арсенал.
„Пресреќен сум што сум тука. Сакам да им помогнам на помладите момчиња, но, сепак, имам што да понудам на теренот“, рече Хендерсон.
Ова е негово враќање во Премиер лигата по две години, откако го напушти Ливерпул во 2023 година за краток престој во саудиски Ал-Итифак, пред да се пресели во Ајакс, за кој одигра 57 натпревари и постигна еден гол.