Иницијативата SupportKocani ја реализираше најавената донација за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, наменета за жртвите од трагедијата што се случи на 16 март годинава во кабаре клубот „Пулс“ во Кочани.
Донацијата, која беше официјално формализирана со потпишување на договор, вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, 4 пакувања аминокиселини и 4 пакувања протеини, со вкупна вредност од 286.120 денари. Средствата се целосно обезбедени преку донации од граѓани и компании кои ја поддржуваат иницијативата.
Од SupportKocani објаснуваат дека донираните материјали се наменети за регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на опоравувањето кај пациенти со тешки изгореници, како и за нутритивна поддршка за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација.
„Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна“, велат од SupportKocani.
Медицинската опрема и суплементите се веќе испорачани и активно се користат на Клиниката, а претставници на иницијативата ги посетија и пациентите кои сè уште се хоспитализирани, при што лично им изразија поддршка и желби за побрзо закрепнување.
Иницијативата нагласува дека ќе продолжи со својата мисија, останувајќи посветена на транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица.