Основното јавно обвинителство Скопје денеска повело истрага против две лица осомничени дека се соизвршители на убиството од 11 јули во селото Батинци кога беше лишен од живот Агим Муареми.
Идентификувано и уапсено е лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите на убиството, а продолжува потрагата по убиецот – првиот осомничен.
Државното јавно обвинителство попладнево соопшти дека на 11 јули во селото Батинци осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го убиле Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.
-На наведеното место пристигнале со автомобил „опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две засега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерка, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство, информира ЈОРСМ.
Жртвата Муареми успеал да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, а тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле татко ѝ во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди.
-Наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултираа со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите. Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор. Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите засега непознати лица инволвирани во настанот, се наведува во соопштението од Обвинителството.