Истражувачкиот тим, предводен од Мелиса МекКлур од Универзитетот во Лајден, го следел формирањето на првите зрнца цврст материјал – т.н. планетезимали – во дискот од гас и прашина околу младата ѕвезда HOPS-315, оддалечена околу 1.300 светлосни години од Земјата.
Овој научен пробив е овозможен со комбинирање на податоци од James Webb Space Telescope (JWST) и од ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) – мрежа од 66 радиотелескопи поставени во пустината Атакама во Чиле.
„За првпат го фаќаме најраниот момент кога започнува формирањето планети околу ѕвезда различна од нашето Сонце“, изјави МекКлур.
Ѕвездите се раѓаат кога ладни и густи региони од меѓуѕвезден гас и прашина се гравитациски компримираат. Така настанува протозвезда, опкружена со материјал од којшто потоа се формира протопланетарен диск – рамна, ротирачка структура која е основа за создавање планети.
Иако досега се набљудувани многу вакви дискови, ретко се фаќа моментот кога всушност започнува кристализацијата на материјали – почетниот чекор во создавање цврсти објекти што со време ќе станат планети.
Клучната трага за истражувачите доаѓа од метеорити што паднале на Земјата – остатоци од времето кога Сончевиот систем се формирал. Тие содржат кристали од силициум монооксид, минерали кои се формираат при високи температури и претставуваат прва цврста материја во Сончевиот систем.
И токму вакви минерали – и како гас и како кристални честички – сега се забележани во дискот околу HOPS-315.
„Овој процес досега никогаш не бил забележан надвор од нашиот Сончев систем“, изјави Едвин Бергин од Универзитетот во Мичиген.
ALMA прецизно ја одредила локацијата на овие минерали – во регион од дискот околу HOPS-315 кој одговара на растојанието меѓу Сонцето и главниот астероиден појас во нашиот Сончев систем. Ова укажува на огромна сличност со историскиот развој на нашата „вселенска населба“.
„Како да гледаме слика од бебешкиот Сончев систем“, изјави Мерел ван ‘т Хоф од Универзитетот Пардју.
„Овој систем е еден од најдобрите примери досега за да се истражат процесите што довеле до создавање на нашите планети.“
Истражувањето е објавено во списанието Nature на 16 јули.
Редакција Фронтлајн