До 11,6 милиони бегалци се во опасност да го изгубат пристапот до хуманитарна помош поради намалувањето на странската помош од земјите донатори, соопшти денеска агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР.
Ова е приближно една третина од бегалците кои вообичаено ги поддржува оваа агенција на ОН, се наведува во извештајот.
– Нашата финансиска состојба е драматична. Се плашиме дека до 11,6 милиони бегалци и луѓе принудени на бегство ќе го изгубат пристапот до хуманитарна помош, изјави Доминик Хајд, директор за надворешни односи на УНХЦР.
Само 23 отсто од барањата за финансирање на УНХЦР во износ од 10,6 милијарди долари досега се исполнети за оваа година.
Кризата со финансирање произлегува од големите намалувања на странската помош од земјите донатори, како што се Шведска, Франција, Јапонија и САД.
Присилното раселување се интензивира на глобално ниво, додека хуманитарната помош нагло се намалува, создавајќи „смртоносен коктел“ што го става раселеното население во сериозен ризик, се наведува во новиот извештај објавен денеска од УНХЦР.
Агенцијата соопшти дека морала да запре или да ги суспендира програмите за помош во вредност од околу 1,4 милијарди долари, што вклучува залихи за итна помош во земји како Судан, Чад и Авганистан.
Исто така, суспендирани се услугите во критични области како што се медицинска помош, образование, засолниште, исхрана и заштита.
Ова особено ги погодува жените и девојчињата, најтешко во Авганистан, бидејќи агенцијата морала за една четвртина да ја намали својата поддршка за програми кои обезбедуваат заштита и одговор на родово базирано насилство.
– Активностите за заштита се намалени за над 50 отсто, поткопувајќи ги програмите за зајакнување на жените, менталното здравје и превенцијата и одговорот на родово базирано насилство, рече Хајд.
Глобално, агенцијата се намалува за 30 отсто, што значи губење на 3.500 работни места.