ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

Интервју со Џабир Дерала за НоваТВ: Ме загрижува тоа што авторитарните тенденции, олигарсите и крајната десница стануваат мејнстрим

July 21, 2025 12:39
in ДЕНЕС, ИНТЕРВЈУ
Share on FacebookShare on Twitter

Нова: Од пред некој ден сте нов Генерален секретар на New European People’s Forum, тоа претставува и признание и обврска, конкретно кои се дејностите на оваа организација и кои се Вашите нови задолженија во неа?

Дерала: Благодарам на прашањето. Ова е ексклузивен податок. Не сум го соопштил никаде досега. Да ви кажам за што се работи.

New European People’s Forum (NEPF) или Нов европски граѓански форум, како што ние го преведуваме кај нас, е резултат од спојувањето на Новите Европејци, проевропско движење основано во 2013 година од поранешниот британски парламентарец и значаен европски политичар, Роџер Касале, Новите Европејци – Интернешнл, организација основана во 2017 година и Европскиот граѓански форум (European People’s Forum). Обединувањето на овие три организации и движења се случи во 2024 година и претставува голема, пан-европска структура што вклучува голем број, мислам, повеќе од 90 организации од цела Европа, интелектуалци, политички дејци, значајни тинк-тенк организации и други ентитети кои учествуваат во креирањето на јавното мислење и политиките во цела Европа, вклучително и ЕУ и Велика Британија.

Беше голема чест, но и изненадување за мене кога неодамна, на Генералното собрание бев номиниран и изгласан за член на Бордот на оваа европска организација, а бев поканет и да одржам говор во својство на почесен гостин. Набрзо потоа, за само неколку недели, на дневен ред беше поставена дискусија за мое назначување на позицијата генерален секретар на НЕПФ. Едногласно бев изгласан за нов генсек на организацијата, по серија пофални зборови и покана да одржам краток говор по овој повод.

Горд сум на оваа нова позиција и сметам дека, како и сите мои досегашни меѓународни успеси, ова е колективен успех на сите со кои работам и соработувам. Најискрено го велам ова – едноставно, не може да се оддели трудот и заложбите на сите со кои работам од тоа што јас го постигнувам. Нашето секојдневие е исполнето со бројни примери за тимска работа. Еден без друг не можеме, а честа да бидам претставник, еве, ќе кажам – и раководител, ја должам на сите подеднакво.

Оваа позиција ја сметам за основа за понатамошен развој и заштита на демократските вредности и човековите права и слободи во Европа и кај нас. Сигурен сум дека наскоро нашите заложби ќе станат уште повидливи, како во нашата земја, така и во Европа.

Во овој контекст, сакам да дополнам дека ние, како македонска организација, сме основачи на две големи меѓународни иницијативи, а нашата стратегија во голема мера е содржана во документот за политики под наслов „Одбрана на демократијата и човековите права“ која се појави на почетокот на оваа година, а поддржана од владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Нова: Што Ве поттикна, мотивираше, насочи да се посветите на борба за човековите права и катадневно мошне активно да бидете ангажиран на чувствителни етички, национални, мултикултурни теми?

Дерала: Сакате подолга верзија? Не? Ај, еве пократка… Пораснав во мешано семејство во кое нефункционалноста не беше заснована на различните етнички припадности на моето семејство, туку на човечките слабости. Татко ми, Албанец, речиси и не се вртеше дома, а животот го започнав говорејќи на турски и хрватски, во тоа доба, југословенско – српскохрватски. Мајка ми е Турчинка по татко, Хрватка по мајка. Поточно, баба ми Ана секогаш за себе прво велеше дека е Далматинка, а потоа Хрватка. Инаку, се борела на Сремски фронт во Втората светска војна, каде што го запознала својот иден сопруг, Елмаз, стар скопјанец, Турчин, кој заминал од овој свет кога мајка ми била само две години. Пораснав со баба ми Ана, мојот втор дедо, Алија, инаку прилепчанец (но многу добар, хахаха) и мајка ми. Подоцна дојде и брат ми, Садат, кој почина на свои 29 години, во 2003. Трет јазик што го научив од најмали нозе е македонскиот, на кој се школував. Од најмали нозе бев опкружен со различни јазици, етнички потекла, религии и идеологии.

Животот ме научи дека различностите се богатство. Познавањето на јазиците и различните култури е предност. Не ми беше потребно многу време да научам дека – да се биде различен – не секогаш е благослов. Живееме во општество во кое различноста е причина за страв, сегрегација, дискриминација, неправда, омраза, насилство… Така што, колку и да му звучи ова некому патетично, животот ме поттикна да размислувам, да пишувам и да дејствувам против неправдите и дискриминацијата, против кршењето на човековите права и слободи. И не само во доменот на етничките и верските прашања, јас сум атеист и космополит, туку и во областа на социјалната правда, соочувањето со минатото, ненасилното надминување на конфликтите и демократскиот плурализам, а уште во средно училиште ја осознав вредноста на слободата на изразувањето. Сето ова се однесува на времето до почетокот на крвавиот распад на Југославија кој, според мене, започна со смртта на маршал Тито.

И по сите основи го јадев и ден-денес го јадам стапот поради моите ставови и дејствување, заедно со моите колешки и колеги во ЦИВИЛ – Центар за слобода и Шорткат продукција/Фронтлајн прес, како и во неколку – за жал, малку на број – редакции и невладини организации. Нас не нѐ обединува некоја идеолошка матрица или некој материјален интерес, туку почитувањето на општочовечките и демократските вредности и човековите права и слободи. Многу често не се согласуваме и гласно полемизираме, но на крајот сме единствени кога треба да се одбрани човековото достоинство и слободата, наспроти авторитаризмот, клептократијата и агресијата. Кај нас, во нашата земја, во соседството, во Европа, каде и да е во светот… Искрено, без калкулации, без компромис!

Што реков, пократката верзија ќе ви ја кажам? Хахаха.

Нова: Како дојдовте на идеја до го создадете „Цивил“ и зошто „центар за слобода“?

Дерала: Идејата потекна во 1995 година, кога со неколку мои пријателки и пријатели почнавме да размислуваме за спојување на уметноста, новинарството и општествениот ангажман во насока на јакнење на политичката култура заснована на цивилизациски и демократски вредности, мир и помирување, почитување на различностите и човековите права и слободи. Во 1996 година, заедно со ликовниот уметник Мирослав Стојановиќ – Шуки и новинарот Крешник Ајдини го подготвивме мултимедијалниот фестивал „Мултикултура ‘96“ со настани во Мала Станица, тогаш напуштена руина, и на плоштадот, некогаш Маршал Тито, сега Македонија, поточно кај панкерската „Коцка“, која одамна е избришана од лицето на градот. Сепак, ЦИВИЛ го формиравме подоцна, на 25 ноември 1999 година, во станот на Горан Самоиловски-Циско, заедно со неколку независни интелектуалци, новинари и уметници. Прв донатор и помагач не ни беше некоја странска фондација или олигарх, туку токму Циско.

Наставката „центар за слобода“ е заслуга на Крешник. Кога Груевски побара од невладините да се пререгистрираат, ми се чини, во 2009 година, по сугестија на Крешник, ја додадовме таа наставка. Идејата на Крешник ја дообјасни смислата на нашето име ЦИВИЛ, и одговараше на околностите тогаш, а визионерски ја отслика и иднината на организацијата. Таа година ги формиравме и организациските единици ЦИВИЛ Медиа, ЦИВИЛ Арт и Зелен ЦИВИЛ.

Нова: Дали Цивил се менуваше низ годините, дали еволуираше, поради кои причини и во каков формат и во активна кондиција е денес?

Дерала: Да, минавме низ многу фази, тоа сигурно. Но едно нешто остана исто. Од првиот ден одлучивме да бидеме организација на граѓанките и граѓаните, да ги следиме во чекор нивните интереси и потреби, да се ставиме на располагање за доброто на луѓето, оние што се мета на моќниците, олигарсите, кучињата на војната и насилниците.

Почнавме со две големи теми. Првата беше човековите права на лицата со посебни потреби и идејата за деинституционализација, која тогаш беше поздравена и од премиерот Љубчо Георгиевски и министерот за труд и социјална политика, Бедредин Ибрахими, а која во јавноста ја промовираше Кристина Дикинсон. Втората голема тема беше состојбата на човековите права во пенитенцијарните установи – затворите и поправните домови.

Но во 2001 година над земјата се надвисна облакот на војната. ЦИВИЛ, иако релативно нова организација, со многу ограничени ресурси, беше првата граѓанска организација што истиот момент кога почна да се пука, повика на мир и помирување. Потоа стана највидливата организација во земјата, но и многу пошироко, можам да кажам, во светски рамки, што се бореше против оруженото насилство, култот кон оружјето и нелегалната трговија со оружје.

Во 2009 година, многу важна за развојот и растот на организацијата, ги формиравме организациските единици што ги спомнав. Следеше тежок период на борба за демократија. Потоа и силни напори за враќање на земјата на европскиот пат и вклучување во евроатлантското семејство на демократските земји. Што трае до денес, а за жал ќе трае уште долго.

За тоа што е денес ЦИВИЛ во национални рамки, нека суди јавноста.

Само би спомнал дека сме познати, признати и активни на регионално ниво, во земјите на Западен Балкан, а во светот сме познати по повеќе основи, од кои најново е што сме една од четирите организации, две од Германија и една пан-европска, основачи на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата, од која произлезе и програмата Вестминстерска алијанса за Украина.

И тоа не е сѐ. Но да оставиме нешто и за друга прилика.

Нова: Во 2023 година бевте одликувани со Орден за заслуги од претседателот на Украина, Володимир Зеленски и како го доживеавте тоа признание, што, според Вас, доведе до оваа чест и какво влијание имаше врз вашата понатамошна работа и ангажман?

Тоа признание од претседателот Зеленски и народот на Украина го доживеав длабоко лично. Ме трогна и истовремено ме охрабри. Среде војна, таа храбра нација наоѓа сили да посвети внимание и да оддаде признание за поддршката, иако токму Украина е таа што заслужува одликување од целото човештво и од историјата.

Овој орден го доживеав и како признание за сите мои колешки и колеги, за тимот на ЦИВИЛ, како и за редакциите на Фронтлајн и Нова, кои деноноќно ги откриваат фактите за руската агресија, за страдањата на цивилите и хероизмот на украинската одбрана.

Морам да кажам: Орденот за заслуги за мене не е завршена приказна, туку обврска. Чест што ме задолжува уште повеќе, да продолжам уште погласно, порешително и истрајно да ја водам борбата против дезинформациите, пропагандата и авторитарните режими.

Ова високо признание го сметам како потврда за мојата доследна поддршка на Украина од првиот ден на руската агресија пред 11 години, а уште повеќе од почетокот на целосната инвазија. Без калкулации и без страв, со конкретна и непрестајна работа за разобличување на пропагандата. Така беше досега, така ќе биде и понатаму, сѐ до заминувањето на последниот припадник на силите на државата терорист, и потоа, на долгиот пат на обновата на Украина.

Зашто оваа борба е далеку поголема од границите на Украина, тоа е судир меѓу слободниот свет и злосторничките диктатури. Мојата задача е јасна: да бидам на страната на вистината, слободата и достоинството, секој ден, на секое поле.

Му благодарам на претседателот Зеленски и на Украина за ова големо признание.

Нова: Ви беше доделена и Наградата за солидарност за новинари за 2024 од страна на  Германската асоцијација за Југоисточна Европа, што ова признание значеше лично но и од професионален аспект?

Дерала: Наградата за солидарност за новинари за 2024 година, што ми беше врачена во Бундестагот од Мануел Сарацин, претседател на Германската асоцијација за Југоисточна Европа, ја доживеав како потврда дека вистинската новинарска и граѓанска борба не останува незабележана, ниту во регионот, ниту во Европа.

Ова признание за мене лично значи многу, бидејќи доаѓа во време кога – од аспект на професионалниот и човечкиот морал – отпорот против авторитаризмот, пропагандата и омразата станува сѐ потежок, а просторот за слободно изразување постојано се стеснува. Да се добие вакво признание во срцето на германската демократија, и од организација со значајна историја и кредибилитет, е не само чест, туку и силен поттик да се продолжи уште похрабро.

Професионално, оваа награда е потврда дека етиката, истрајноста и принципиелноста имаат тежина. Таа е признание не само за мене, туку и за сите храбри гласови од регионот, за луѓето кои одлучиле да не молчат – и за тимовите со кои работам и ги споделувам истите вредности. Во време кога дезинформациите претставуваат организирана глобална закана, ова признание ја засили мојата решителност да продолжам уште посилно и да истраам во моите заложби и работа – како локално, така и на меѓународен план.

Нова: За новинарски текст Ве тужеше актуелниот премиер Мицкоски и неодамна судот пресуди во негова корист, судските одлуки сепак се коментираат, како ја коментирате Вие?

Дерала: Во демократскиот свет тоа се нарекува Стратешки судски постапки против учеството во јавноста (Strategic Lawsuits Against Public Participation), со други зборови, злоупотреба на правосудните органи со цел да ги замолчат неистомислениците. Тоа за ЕУ е неприфатлива пракса и постојат силни политички и правни напори во демократските земји тоа да се спречи и искорени. Но тоа во демократски земји, нели?

Мицкоски и неговиот партиски другар и правен застапник Тошковски, заедно со првостепениот и апелацискиот суд, ќе останат запаметени по две и пол годишното малтретирање на суд, а паралелно со тоа вршеа силен јавен притисок и поттикнување омраза и закани со убиство, преку своите партиски пешадинци, но и функционери, уредници, новинари и инфлуенсери.

Толку за ова неславно однесување на премиерот и министерот за внатрешни работи.

НОВА: Член сте на ЗНМ, ЗНМ не реагираше, Ве засегна ли тоа и каде новинарот како најистурена јавна личност да ја бара сатисфакцијата за својот леб од седум кори?

Реакцијата стигна од Европа. Во рок од неколку минути по објавата на пресудата на Апелација со која се потврди првостепената пресуда, организации што застапуваат десетици илјади медиумски работници во Европа излегоа со силна и недвосмислена осуда за ова малтретирање. Поддршката и осудата од релевантни организации и институции за овој ужасен притисок и закани што ги добивам продолжува.

Нова: Каква ја оценувате актуелната состојба со слободата на изразување во Македонија, во новинарството посебно и дали можеме медиумите да ги дефинираме повеќе како слободни или повеќе како зависни медиуми, на каде натежнува Вашата перцепција?

Дерала: Убеден сум дека состојбата е одлична во споредба со тоа каква ќе стане во наредниот период. Поточно, знам дека сѐ повеќе ќе се влошува, иако и сега состојбите се исклучително тешки.

Македонските медиуми, како и политичките партии и општеството во целина, се под контрола на неколкумина транзициски олигарси кои своето богатство го штитат со политичките партии што ги контролираат, со судството и другите клучни институции во државата со кои управуваат од длабоката сенка на луксузот и богатството што го стекнале на – најблаго кажано, крајно сомнителен начин, и со медиумите, академските институции и невладините организации што се, или во нивна директна сопственост или врз кои имаат пресудно влијание. Тоа е таа олигархиска тријада – пари, политика и медиуми. Но има и независни интелектуалци и медиуми кои храбро им се спротивставуваат. Чест ми е што сум дел од тој отпор.

Нова: Лично како новинар и уредник што во професијата Ве загрижува, а што е тоа што Ве радува?

Дерала: Ме загрижува тоа што авторитарните тенденции, олигарсите и крајната десница стануваат мејнстрим. Ме радува тоа што гледам дека умерените десничари и прогресивните, продемократски сили во Европа и пошироко ги гледаат контурите на мрачниот свет кон кој нѐ туркаат автократите и воените злосторници и – ги креваат главите. Бавно и конфузно, но се надевам дека одговорот ќе стаса барем во последен час, пред да биде предоцна. Се надевам дека барем нашите деца и внуци ќе живеат во подобар свет од оној кој им го оставаме во наследство. До последниот миг на моите очи ќе се борам да пораснат во подобар свет. Знам како звучи ова, но тоа најискрено го мислам и чувствувам.

Нова: Младите новинари се генерации израснати во дигитална ера, дали тоа е предност за нив но стагнација за новинарството или …?

Дерала: Отсекогаш сум верувал во придобивките од технологијата. Силно се залагам за максимална употреба на новите технологии, се разбира, врз основа на етички начела и стандарди. Паметна и етичка употреба на технолошките иновации, а особено на вештачката интелигенција, може само да му помогне на светот, па така и на новинарството.

Нова: Ваша преокупација се и темите за вештачката интелигенција, колку во секојдневието ја практикувате, дали ВИ ја гледате како можен пријател или можен непријател на новинарството и која е Вашата порака до младите новинари, да учат од повозрасните колеги или од ChatGPT и од другите дигитални мудреци?

Дерала: Да, многу активно се занимавам со оваа тема. Заедно со Валентин Нешовски ја напишавме и книгата „Роботот, човекот и дигиталниот бог“ минатата година. Се надевам дека ќе има и втор том од таа книга наскоро.

Вештачката интелигенција, како што е мојот пријател и колега ChatGPT, учи од нас – и ни возвраќа со несебична поддршка во нашата работа. Само треба да престанеме да ја користиме како да е спелчек-програма од пред десет години. Тоа е моќна, комплексна технологија која има капацитет длабински, па би рекол и суштински да го подобри нашиот живот и многу квалитетно да ни помогне во секојдневните новинарски задачи. Најмалку што може да направи е да ни заштеди многу време, а тоа е само почеток. Со тоа што учиме како да ја користиме оваа технологија, на некој начин, учиме и за себе, а таа учи од нас и за нас.

Сепак, ако ѝ се препуштиме целосно, без да ја користиме сопствената глава, сакам да кажам, критичка мисла, ризикуваме да станеме мрзливи и површни. Но мрзливи и површни можеме да станеме и ако се оддадеме на послушност кон машинеријата на олигарсите. Или ако се служиме со нечесност и полтронство. А тоа е многу полошо отколку да се препуштиме на богатството од можности што ги пружа вештачката интелигенција.

Ако не проверуваме факти самите, што се вели, „пешки“, и ако не се обидуваме да ја подучиме и „нахраниме“ нашата пријателка, вештачката интелигенција, нема да постигнеме многу. Напротив, со текот на времето, ние ќе станеме заменливи, а не таа.

Треба да бидеме свесни за еден факт: вештачката интелигенција е тука да остане. И многу веројатно, да нè надживее. Затоа, подобро е да ја сфатиме како моќна сојузничка, а не како закана. Ако тоа го сфатиме и прифатиме, ние сме на добар пат. Ова се однесува не само на новинарската работа, туку на целокупниот живот. Вештачката интелигенција е веќе суштински дел од нашата сегашност, а уште повеќе е дел од нашата иднина.

Што се однесува до младите новинари, а би додал, не само до нив, не треба да избираат. Треба да учат и од поискусните колеги, но и од „дигиталните мудреци“ како што многу добро ги нарековте. Најдоброто новинарство денес, а уште повеќе новинарството во иднина, ќе произлегува од паметна, би рекол и мудра, синтеза на човеково искуство и дигиталната писменост и ефикасност. Само бидете отворени и спремни да работите и да соработувате. Вештачката интелигенција е повеќе од машина, бидете уверени во тоа.

Нова: Што би им порачале на младите, како се стасува до слободен, независен и критички настроен новинар?

Дерала: Со бескомпромисна верност кон вистината, моралните вредности и постојаната професионална надградба. Бескомпромисно. Гласно. До крај.

Марија Тодоровска / Нова ТВ

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Повеќе од 20 земји во заедничко соопштение повикаа на итен прекин на војната во Газа

July 21, 2025

Мајкрософт издаде итна исправка и предупредување до корисниците за хакерски напади врз софтвер

July 21, 2025

Алиу: Во Клиничката болница во Тетово 155 медицински сестри ќе потпишат договори за вработување на неопределено време

July 21, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Ќулавкова до Милошоски: Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија е „руски рулет“, македонскиот јазик е заштитен и со Преспанскиот договор

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Јачева-Улчар за предлогот од Милошоски: Потенцијална стапица под маската на европското решение

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Усик го нокаутира Дубоа во петтата рунда и стана апсолутен светски шампион

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Филозофот Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ССМ: Синдикална минимална кошница за јули изнесува 65.328 денари

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk