Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара итно повлекување на законот за полиција, предложен од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Како што соопшти денеска на прес конференција пратеникот на СДСМ Миле Талевски, овој предлог закон сметаат дека е опасен и антиевропски.
– Предлог законот е опасен, антиевропски, главно корумпиран обид за формирање на партиска полиција, под команда на Тошковски. По стапките на Никола Груевски, министерот Тошковски, го претвора МВР во параполициски апарат за заштита на криминалот и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Талевски.
Според него, со предложениот закон се уриваат критериумите за образование и искуство за највисоките оперативни позиции во полицијата и елиминирање на кариерниот систем на напредувањето на професионалните луѓе со искуство и со знаење.
-Началник на СВР по рецептот на Тошковски може да стане секој што ќе го одбере без искуство, без знаење, но со партиска книшка. Тошковски ги укинува и регионалните гранични центри во време на сериозни геополитички предизвици и безбедностни ризици. Ова е директен удар врз задграничната контрола и отвора простор за сомнителни шеми, вклучително и мигранти, нагласи Талевски.
Тој додава дека Тошковски, сака да овозможи бришење на полициски податоци без траги, без евиденција, без одговорност и дека претставува опасен механизм за прикривање на криминал и заштита на структури близки до власта.
– Најскандалозно е бришењето на одредбата што спречува вработување на осудени лица. Со тоа, полицијата станува прибежиште за лица со криминално минато, наместо институција што гарантира безбедност и владење на правото, истакна Талевски и апелираше до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ добро да размислат доколку пројде овој закон.