Палестина е држава што постои и што не постои.
Има голем степен на меѓународно признавање, дипломатски мисии во странство и тимови што се натпреваруваат на спортски натпревари, вклучувајќи ги и Олимписките игри.
Но, поради долготрајниот спор на Палестинците со Израел, таа нема меѓународно договорени граници, нема главен град и нема армија. Поради воената окупација на Израел, на Западниот Брег, палестинската власт, формирана по мировните договори во 1990-тите, нема целосна контрола врз својата земја или народ. Газа, каде што Израел е исто така окупаторска сила, е во средината на разорна војна.
Со оглед на нејзиниот статус како еден вид квази-држава, признавањето е неизбежно донекаде симболично. Тоа ќе претставува силна морална и политичка изјава, но ќе промени малку на терен.
Државата Палестина до сега е признаена од 147 од 193-те земји-членки на ОН.
Во ОН, таа има статус на „држава со постојан набљудувач“, што дозволува учество, но нема право на глас, пишува во статија на Би-Би-Си.
Со оглед на тоа што Франција, исто така, ветува признавање во наредните недели и под претпоставка дека Велика Британија ќе продолжи со признавањето, Палестина наскоро ќе ја ужива поддршката на четири од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (другите две се Кина и Русија).
Ова ќе ги остави Соединетите Американски Држави, убедливо најсилниот сојузник на Израел, во малцинство од една, пишува Би-Би-Си.
Во 2011 година, Државата Палестина беше примена во УНЕСКО; во 2012 година, откако беше примена како држава набљудувач на Генералното собрание на Обединетите нации со гласовите на 138 земји-членки на Обединетите нации, Палестинската самоуправа почна официјално да го користи името „Држава Палестина“ за сите цели. Во декември 2014 година, Меѓународниот кривичен суд ја призна Палестина како „држава“ без да се нарушат какви било идни судски одлуки по ова прашање.
Статусот на „држава со постојан набљудувач“ во голема мера се должи на фактот дека Соединетите Американски Држави, постојана членка на Советот за безбедност на ОН со право на вето, постојано го користеа своето право на вето или се закануваа дека ќе го сторат тоа за да го блокираат полноправното членство на Палестина во ОН.
Вашингтон ја признава Палестинската самоуправа, на чело на која моментално стои Махмуд Абас, од средината на 1990-тите, но не признава вистинска држава.
Неколку американски претседатели ја изразија својата поддршка за евентуалното создавање палестинска држава. Но, Доналд Трамп не е еден од нив. Под неговите две администрации, американската политика во голема мера се потпираше на Израел.
Без поддршка на најблискиот и најмоќниот сојузник на Израел, невозможно е да се види мировен процес што ќе доведе до евентуално решение за две држави.
Државата Палестина беше официјално прогласена од Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО) на 15 ноември 1988 година, тврдејќи суверенитет над меѓународно признатите палестински територии: Западниот Брег, кој го вклучува Источен Ерусалим, и Појасот Газа. До крајот на 1988 година, палестинската држава беше признаена од 78 земји.
Во обид да се реши деценискиот израелско-палестински конфликт, во 1993 и 1995 година беше потпишан договорот на Осло меѓу Израел и ПЛО, со кои се создаде Палестинската самоуправа (ПА) како самоуправна привремена администрација во Појасот Газа и околу 40% од Западниот Брег. По атентатот врз Јицак Рабин и доаѓањето на власт на Бенјамин Нетанјаху, преговорите меѓу Израел и ПА заглавија, што ги наведе Палестинците да бараат меѓународно признавање на Државата Палестина без согласност на Израел.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа