Пишува: КРИСТИНА КОСТОВА
Вековните стремежи за создавање сопствена суверена и независна држава се остварени пред 81 годинa.
Но, стремежите за обединување и заедништво во мирен, спокоен и среќен живот кој овозможува напредок, за жал, се под постојан напад од страна на одредени политички структури на кои им одговараат сценарија со спротивна содржина.
И тоа станува очигледно после вчерашните говори испразнети од суштина, а пропратени со премолчано извикување фашистички слогани кои уште повеќе ја продлабочуваат поделбата, опструкциите и изолацијата на кои така ревносно работи државниот врв.
Не сме обединети, бидејќи се испраќаат јасни и гласни националистички пораки, некаде збогатени со навредливи извици и говор на омраза кон одредена етничка група, а на друго место со едноставен гест на отсуство на реакција од властите, инаку први одговорни за промовирање и одржување единство.
Вербално и физичко насилство кон поинаквите го ништи духот на Илинден.
Личности кои се однесуваат како никогаш да не ги прочитале Крушевскиот манифест или Решенијата од Првото заседание на АСНОМ, меѓу кои и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија, не заслужуваат да бидат наши политички лидери и функционери.
Игнорирањето вербално насилство и избегнувањето на осуда значи одобрување на уште поголеми насилни акти.
Тоа се скандалозни однесувања на политички функционери кои треба да се недозволиви.