На територијата на државата денеска се регистрирани четири пожари на отворен простор, од нив два се сѐ уште активни, еден е ставен под контрола, а еден е целосно изгаснат, соопштуваат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Директорот на дирекцијата Стојанче Ангелов во видео изјавата информира дека активен пожар има кај село Богомила, општина Чашка. Пожарот има зафатено површина што претходно била сечиште, каде што има голем број суви гранки и отпаден материјал, што дополнително ја отежнува интервенцијата. На терен е испратен ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување, кој помага во расчистувањето на теренот и обезбедува логистичка поддршка на локалните пожарникари и екипите на Национални шуми, кои активно работат на гаснење на огнената стихија.
Вториот активен пожар е забележан на територијата на општина Македонски Брод, кај селото Грешница. Станува збор за реактивиран пожар, кој бил под контрола, но повторно се разгорел. На местото интервенираат локалните противпожарни служби, потпомогнати од екипи на Национални шуми.
Ангелов додаде дека денеска државата ја напуштил и чешкиот Блек Хок.
-Од името на Владата на Република Северна Македонија и македонските граѓани, беше упатена искрена благодарност за нивниот ангажман. Притоа, им беа врачени и благодарници од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, како знак на признание за нивната помош, рече Ангелов.