Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
По два дена молк, без реакција на скандалозното националистичко скандирање и говор на омраза на дел од навивачите на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на кој и тој самиот беше присутен, премиерот Мицкоски „ја искористи приликата“ по новинарско прашање да се приклучи кон осудата на скандирањето и ксенофобичните испади на, според него, неколкумина во кумановската сала.
Искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата…ќе изјави Мицкоски.
Ова многу ми наликува на онаа народната: Од дрвото не ја гледа шумата.
На натпреварот на 2 август, додека младите кошаркари гинеа на теренот, на трибината токму од спротива на Мицкоски, поголема толпа навивачи, накитена со познатата „Вергина“ иконографија, својствена токму за поддржувачите на премиерот и партијата на власт, истакнаа транспарент“ За да постои македонскиот народ, не му треба ваша дозвола“?!

Транспарент како нарачан за поддршка на наративите на Мицкоски за загрозениот македонски идентитет, јазик, култура, традиција, кујна, дневна, спална, купатило…
Да потсетиме дека токму тој, Мицкоски, од позиција на премиер и самоповикан заштитник на македонскиот идентитет, неодамна упати жестоки обвинувања кон поранешниотминистерот за надворешни работи, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи:
-Точно знаеше што правеше. Директно стави нож во плуќата на македонскиот идентитет и закова шајки, прифаќајќи го францускиот предлог. Тоа нема да го заборавиме. Директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет, обвини Мицкоски врз база на сопствените согледувања, без да понуди релевантни докази.
Следствено, потпалувачката реторика на премиерот се преслика директно во антиалбанските скандирања и говорот на омраза кои дојдоа од делот на трибините „карши“ замижаните очи на Мицкоски.
Можно ли е премиерот од дрвото (за потпала) да не ја виде (или не сакаше да ја види) шумата?.
Особено ако тоа дрво е самиот тој.
Преземено: Цивил Медиа