Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита од државната матура во јуни е 3.69 и е повисок од минатата година кога средната оценка беше 3.26. Поголем успех е забележан кај мајчините јазици и кај други предмети, а особено по математика за кој средната оценка е 4.14, од 1239 што полагале математика, 651 добиле петки. Поништени се тестовите на 172 ученици и имало 507 приговори.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција ги соопштија резултатите од јунскиот испитен рок во кој пријавени за полагање биле 15 004 матуранти од сите видови образование (гимназиско, стручно, уметничко) и на сите наставни јазици. Помалку од 3 проценти не се појавиле на испитите и ќе имаат можност да полагаат во августовската испитна сесија идната недела.
Јаневска им честиташе на сите матуранти кои успешно ја завршија државната матура со што стекнуваат диплома со која ќе може да продолжат во високо образование или, по нивни избор, да се приклучат на пазарот на трудот. Таа изрази задоволство што успехот е поголем од минатата година кога просечна оценка од државната матура беше 3.26, како и од подготвеноста на учениците, наставниците и тестаторите. Немало, рече, голем број препишувања како минатите години и соопшти дека 172 кандидати се обиделе да препишат и да го „надмудрат“ системот.
Биле поднесени 507 приговори по сите предмети и по нивно разгледување, резултатите односно средната оценка од успехот по одделни предмети е: 3.68 по мајчин јазик; 4.14 по математика; 3.65 по англиски јазик; 4.67 – француски јазик, 4.42 – германски јазик. За предметот естетика просечната оценка е 4.93 и за филозофија – 3.71.
Мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски и српски), кој е задолжителен за сите матуранти, се полагаше на 31 мај, а вториот испит, кој е изборен за учениците, беше на 11 јуни.
– Сметам дека, генерално, беа добро подготвени учениците, преку наставниците работевме со нив, тие сериозно пристапија кон процесот и со повторување на веќе совладаната материја успеаја да постигнат добри резултати, всушност подобри од минатата година, за што сме многу среќни. Немаше препишувачи како во изминатите години, кога цели групи од по илјада, две илјади ученици и повеќе, организирани најчесто преку апликации за комуницирање и со користење на мобилни уреди, се доведуваа во ситуација да имаат до збор идентични одговори. Годинава 172 ученика се обидоа да се надмудруваат со системот, ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование, истакна Јаневска.
Задоволна е, рече, и од објективноста на процесот оваа година и благодарна на факултетите кои им изглегле во пресрет на училиштата без просторни услови и им ги отстапиле своите амфитеатри и предавални за полагање на екстерните испити.
Задоволство од процесот на полагање и од резултатите искажа и директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, затоа што учениците имале поголем успех за разлика од лани.
Соопшти дека поднесените 507 приговори, по сите предмети кои се полагаат на матурата, е „незначителен број во однос на вкупниот број ученици кои полагале државна матура“.
-Оваа година, за разлика од минатата, имаме повисок просек кај мајчините јазици (лани 3.37, сега 3.68); англиски јазик лани успехот бил 3.06, а годинава 3.65, што се должи на новата испитна програма што стартуваше од оваа учебна година, така што учениците имаа поинаков тест кој вроди со подобар плод од минатиот период. По француски јазик оценката е 4.67, за разлика од лани кога беше 4.47. Особено ме радува успехот што е постигнат по математика затоа што учениците свесно или несвесно ја одбегнуваат – оваа година просекот е 4.14, за разлика од лани кога бил 3.73. Оваа година, од вкупно 1239 кои полагале математика, 651 добиле петки, што значи не е толку тешко да се полага и математика. И по естетика и филозофија се забележуваат повисоки резултати од изминатите години, истакна директорката на ДИЦ.
Резултатите од приговорите биле објавени на 11 јули односно беше коригиран перцентилниот ранг кај 0,70 проценти од учениците.
-Секој што сметаше дека е обесправен имаше можност да дојде и да направи увид во тестот. Се пријавија 85 кандидати, правото го остварија 75 од нив. Сите тие видоа каде ја направиле грешката, посочи Јовчевска-Михајловска.
Од 172 ученици кои се обиделе да препишуваат односно да полагаат, рече, со недозволени средства, 35 биле отстранети од набљудувачите на самиот ден на испитот, а 137 „успеале да се снајдат“, но оценувачите утврдиле дека препишувале и им ги поништиле тестовите, а поништени биле тестовите и на оние ученици кои, спротивно на правилата, си го напишале името и презимето. Сите овие ученици ќе имаат право повторно да полагаат во августовската испитна сесија која ќе биде организирана идната недела.
Матурантите кои во јуни не ја положиле државната матура или не во целост, ќе полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
Како што соопшти Јовчевска-Михајловска, за двата испитни дена вкупно се пријавени 1118 ученици. Од нив, 352 ќе полагаат македонски јазик, 225 – албански јазик, девет – турски јазик. Англиски ќе полагаат 779, еден ученик ќе полага француски јазик, двајца – германски јазик, 27 – математика и еден – естетика. Според видот на образование, од гиманзиско ќе полагаат 265 ученици, средно стручно – 835 и 18 од средно уметничко образование. Испитите во августовскиот рок кандидатите ќе ги полагаат во простории на факултетите.
Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Не беше организирана само еднаш – на крајот од учебната 2019/2020 година поради Ковид-пандемијата.