Европската Унија не треба да биде изоставена од мировните преговори меѓу Русија и Украина, посредувани од САД, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот, пишува Политико.
„Војната се случува во Европа, а Украина е составен дел на Европа — ние сме веќе во преговори за пристапување во ЕУ. Затоа, Европа мора да биде учесник во релевантните процеси“, рече Зеленски по телефонскиот разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги информираше Зеленски и европските лидери претходно оваа недела дека планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а подоцна да одржи трилатерален состанок со Путин и Зеленски, се наведува понатаму во Политико.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше на повикот со Трамп, изјави портпаролот на Комисијата во четвртокот. Но, таа беше „опширно информирана од неколку лидери на ЕУ“, рече портпаролот за новинарите.
Кремљ во четвртокот потврди дека двајцата лидери планираат да се сретнат „во наредните денови“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека по средбата на специјалниот пратеник Стив Виткоф со Путин, американската влада има подобро разбирање за условите под кои Москва би била подготвена да стави крај на војната.
„Сега мора да го споредиме тоа со она што Украинците и нашите европски сојузници, но пред сè Украинците, секако, се подготвени да го прифатат — и она што се обидувате да го видите е колку можете да ги приближите овие две позиции“, изјави Рубио за „Фокс Бизнис“.
„Ако можеме да го приближиме она што Украинците ќе го прифатат и она што Русите ќе го прифатат доволно блиску, тогаш мислам дека постои можност претседателот да одржи состанок на кој ќе бидат присутни и Путин и Зеленски за да се обиде да се затвори ова прашање“, рече Рубио.
Според Политико, дипломатскиот притисок доаѓа откако Трамп го зголеми притисокот врз Путин со воведување дополнителна царина од 25 отсто за Индија поради купувањето руска нафта. Украина очекува Трамп да воведе и нови големи санкции во петок, но Путин можеби му понудил на Трамп ограничено примирје за повторно да го одложи таквиот потег.
„Се чини дека Русија сега е повеќе наклонета кон прекин на огнот“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање во средата. „Притисокот функционира“, додаде тој.
Но, Зеленски предупреди: „клучно е да се осигура дека тие нема да измамат никого во деталите – ниту нас, ниту САД“.
Зеленски сака да ги координира позициите со европските партнери пред состаноците на високо ниво.
„Украина не се плаши од состаноци и очекува ист храбар пристап од руската страна“, рече Зеленски. „Време е да ја завршиме војната. Ви благодариме на сите што помагате“.
Подоцна во четвртокот, Фон дер Лајен изјави дека зборувала со Зеленски и разговарале за патот напред. „Разговаравме за следните чекори на патот кон договорен мировен договор и идното членство на Украина во Европската Унија, како и нејзината реконструкција“, рече Фон дер Лајен во објава на „Х“.
„Ставот на Европа е јасен. Целосно ја поддржуваме Украина. Ќе продолжиме да играме активна улога за да гарантираме праведен и траен мир“, изјави фон дер Лајен.
Преведе: Н. Цветковска
Преземено: Цивил Медиа