Поп-ѕвездите лебдат во бестежинска состојба, а милијардерите зборуваат за градови на Марс и другаде во Вселената… Ова е неверојатната нова реалност во којашто живееме, и којашто треба да помогне да се отвори патот за долгорочно истражување на Вселената и заради населување, пишува „Бизнис инсајдер“ (Business Insider).
Вообичаените несакани последици од долготрајниот престој во микрогравитација вклучуваат губење на мускулите и коските, намален крвен притисок и заматен вид. Додека повеќето од нив се враќаат во нормала откако астронаутот ќе се врати на Земјата, некои ефекти од вселенското зрачење, како што е зголемената опасност од рак, катаракта и оштетување на централниот нервен систем – можат да бидат трајни. Најкритичниот дел од животот вон земјата, сепак, не се ракетите и роботите – туку кревкото човеково тело. За тоа – колку е невозможен животот во Вселената, говорат научници, астронаути, медицински професионалци и еден човек кој платил 30 милиони долари за да ѝ се приклучи на руската вселенска програма. Инаку, само 757 луѓе стигнале до Вселената – а уште помалку останале повеќе од еден ден…
Можеби еден од најголемите проблеми на животот во Вселената или на друг свет – е непознатото. Просто, не сме сигурни што ќе направи тоа со човековото тело бидејќи никој не престојувал онде подолго од 14 месеци.
Следниот проблем е целната локација.
Ниската Земјина орбита – „НЗО“ е погодна, но станува преполна со над 9.000 тони вселенски отпад, што ја зголемува опасноста од судир што би можел да ги убие сите од посадата на едно орбитално летало. Месечината е блиску, но таму нема воздух – речиси и да нема атмосфера за заштита од смртоносно вселенско зрачење, а ноќите траат и до две Земјини недели. Марс, пак, има погуста атмосфера од Земјиниот природен сателит, но исто така, нема воздух за дишење и има отровна нечистотија и штетни песочни бури.
– Единственото нешто што ја разликува Земјата од секое друго место во Сончевиот систем е тоа што има слободен кислород во атмосферата, рече Мајк Шара, астрофизичар во Американскиот природонаучен музеј. – Значи, можеме да земеме убав здив, и ако го направите тоа на практично која било друга планета – ќе умрете. Речиси веднаш, нагласи тој.
Можеби има други планети вон нашиот Сончев Систем коишто се послични на Земјата, но тие се премногу далеку за сегашната наша технологија. Тоа значи, дека за да преживееме надвор од Земјата, треба да изградиме заштитни структури – што, исто така доаѓа со свои предизвици.
Американската вселенска компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin) и НАСА, на пр., имаат намера да печатат 3-Д градби и да извлекуваат кислород од почвата на Месечината. Во меѓувреме, „Спејс-Икс“ (SpaceX) работи на преобразба на марсовските гасови во метанско гориво за напојување на идните можни колонии и леталата за повратни патувања до Земјата. Вселенските инженери го нарекуваат ова „ИСРУ“ – Користење на ресурсите од самото место.
Сепак, никој не докажал дека концептот „ИСРУ“ ќе работи како што треба.
– Ова не се нерешливи проблеми. Причината зошто сè уште не се решени е затоа што не е пробано, рече Мигел Гуреа, дипломиран студент кој објави труд во 2022 година каде што ги наведува слабите точки на предложената мисија на „Спејс-Икс“ за на Марс.
Според НАСА, и 11-та мисија со „Спејс-Икс“ до Меѓународната вселенска станица (МВС), со Зена Кардман, е дел од Програмата за комерцијални вселенски летови на НАСА. Џеф Безос и некои други вселенски визионери веруваат дека најдобрата опција не е Месечината или Марс, туку масивно ротирачко живеалиште изградено во слободен простор – замисла од 70-тите, разработувана првично од физичарот Џерард К. О’Нил. Но, тоа би бил и најскапиот градежен проект во човековата историја.
– Идејата на д-р О’Нил беше дека можеби луѓето од Месечината ќе го направат свое место, а луѓето на Марс ќе го направат своето. Но, ако сакате слободно да се движите напред-назад кон Земјата, треба да може да растете во симулирано гравитационо поле, објаснува Рик Тамлинсон, вселенски активист и поранешен студент на О’Нил.
Во однос на зрачењето вон атмосферата на Земјата, еден Сончев блесок би можел да го убие целиот екипаж. Астронаутите на Месечината или Марс, имено, ќе треба да се подготват да се закопуваат под земја и да останат таму за да го избегнат смртоносното зрачење на површината.
Логан вели дека заштитата на астронаутите од зрачењето може да значи отфрлање на долгите и тенки дизајни на бродови. Наместо тоа, се предвидуваат густи, кружни летала што го опкружуваат екипажот со што е можно поголема маса.
Потоа, тука е и одгледувањето храна за подолг престој. Астронаутите одгледуваат растенија на МВС, но според стручњаците, тоа засега не е доволно за да преживеат без залихите од Земјата.
Исто така, во Вселената нема „911“ и слични повици за итна помош. „Онаму горе“, ниту крвта не тече, велат лекарите – туку се собира во лебдечки капки. Бестежинската состојба, т.е. микрогравитацијата влијае и на лековите, трансфузијата и секоја друга здравствено-медицинска помош што би требало да ѝ се пружи на личноста.
Дури и анестезијата дадена преку спинална инјекција може да не тече правилно без гравитација.
Во раните 90-ти, „Биосфера 2“ тестираше дали луѓето можат да живеат „во меур“… Изграден сред пустината во Аризона – со Сонце, гравитација и огарничени резерви од воздух – и сепак, имаше хаос. Микробите во почвата неочекувано предизвикаа намалување на нивото на кислород и зголемување на нивото на јаглерод диоксид. Посевите пропаднаа, а истражувачките групи се поделија на раскарани групи. Тие преживеаја две години во затворениот екосистем, но – едвај.
И тоа тогаш беа само осум луѓе. Споредете ги со илјадниците и милиони доселеници на Марс…
Натаму, ниеден човек досега немал секс во Вселената… Барем така се мисли.
И покрај неколкуте експерименти со глодари во НЗО на МВС, никогаш немало успешна бременост кај цицачи во орбитата. Покрај тоа, обидот да се започне семејство во НЗО може да биде и неетички, затоа што научниците не се сигурни како вселенското зрачење би влијаело на фетусот кој се развива.
– За споредба, би било неетички и луѓето да се обиделе да експериментираат со човечка бременост во украински Чернобил, по нуклеарната катастрофа „само за да видат што ќе се случи“ (не го направиле тоа), рече Зек Вајнерсмит, теоретичар и соавтор на книгата „Град на Марс“.
Во меѓувреме, познатите личности веќе лебдат во Вселената – иако привремено и за забава. Меѓу попознатите кои беа во НЗО се американската пејачка Кејти Пери, глумецот од „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шeтнер (94), новинарката Гејл Кинг и други богати вселенски патници. Грчко-австралискиот милионер Ник Халик направи слично патување во нискоорбиталното подрачје и потроши 30 милиони долари за да ѝ се придружи на руската вселенска програма.
– Би се радувал да си заминам одовде – да ја напуштам Земјата, да оставам сè и – просто, да бидам колонист, рече Халик, додавајќи дека неговата животна цел е да зачекори по Месечината или на Марс.
Сепак, возењето во капсула околу 10 минути, па дури ни станувањето резервен космонаут не е исто што и градењето нова цивилизација. За тоа, треба многу повеќе од „низа селфиња“, заклучува „Бизнис инсајдер“.