Координаторот на советничката група на СДСМ во Општина Аеродром, Милутин Ристески, обвини дека локалната власт и директорите на училиштата и градинките избегнуваат да одговорат на прашања од интерес на граѓаните.
„Ова е односот на Општина Аеродром и ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните кои со право прашуваат: колкав е долгот на основните училишта и детските градинки во Аеродром за струја, парно, вода, телефон и интернет, заклучно со јуни 2025 година?“, изјави Ристески.
Тој појасни дека на советничко прашање за оваа тема, вкупно десет директорки – на осум училишта и две градинки – по еден месец дале идентичен одговор.
„Наместо да одговорат со конкретен износ изразен во денари, тие одговараат со каква динамика ги вршат плаќањата“, рече Ристески, додавајќи: „Цел месец им требаше да смислат ваков ‘генијален’ одговор кој ја вреѓа интелигенцијата на секој што барем малку користи здрав разум.“
Ристески порача дека, по ваквиот однос, „ВМРО-ДПМНЕ и Дејан Митески очекуваат гласови во Аеродром?!“