Ние ги презедовме сите чекори и од аспект на обуки и од аспект на методологија за лиценцирање и релиценцирање на стоматолози, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу, уверувајќи ги стоматолозите да бидат спокојни.
– Тоа што ние го направивме, ценам дека е правилно и навреме, бидејќи ако не беше овој чекор, ние во септември, октовмри, ќе имавме во Македонија некаде 50 проценти стоматолози без лиценца, одговори министерот на новинарско прашање при промоција на реновираната Клиника за урологија во Скопје.
Алиу информираше дека од денеска сите апликации може да се достават до Министерството за здравство.
– Значи Секторот за стоматологија, веќе потпишав решение, освен дневните обврски што ги има, сега ќе имаат обврска заедно со вработените во Комората да ги процесуираат сите барања од стоматолози. Така да, нема да има застој, само ќе има ред и ќе има закон, рече министерот.
Тој нагласи дека ќе се погрижат стоматолозите да имаат лиценци што се валидни, а од друга страна, да бидат сигурни дека пациентите ќе добиваат услуги што се со квалитет.
Mинистерот Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.