Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ќе ја продолжи иницијативата „Мобилен кабинет“ со посета на Општа болница Гостивар.
Како што информираат од Министерството за здравство, во периодот од 14:15 до 15:15 часот Алиу ќе одржи средби со граѓани, кои ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем. За учество на овие средби, потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна на интернет страницата на Министерството за здравство.
Министерството за здравство ги повикува граѓаните на Гостивар и околината да ја искористат оваа можност за директна комуникација со министерот Алиу.
Иницијативата „Мобилен кабинет“ претставува модел на теренска работа преку кој министерот за здравство, заедно со членови на кабинетот ги посетува здравствените установи низ државата, а веќе е реализирана посета на КБ Штип и средби со граѓаните од овој регион. Целта, како што посочуваат од Министерството за здравство, е директен увид во состојбите на јавните здравствени установи, подобра координација со медицинските работници и отворен дијалог со граѓаните.