– На секојдневните јавни настапи „отворајќи“ чешми и други „мега-проекти“ Мицкоски се фали со имагинарни успеси во недостиг на реални резултати кои би го подобриле животот на македонскиот граѓанин. СДСМ јавно го прашува премиерот каде се инвестициите со кои се фали? Доколку навистина постојат наредниот пат нека се потруди нека ги научи на памет и нека ги посочи со име и онака не се премногу за да ги запамети, реагираат со соопштение од СДСМ.
Оттаму велат дека „изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот“.
„Реалната слика е следна, Македонија е четврта во Европа, но одзади и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа.
Македонија се наоѓа на четвртото место меѓу најсиромашните европски држави, според најновите податоци за бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител. Според анализите, БДП по жител изнесува 8.751 долар, а според паритетот на куповна моќ (PPP) – 19.290 долари.
Ова е резултат пред се на безидејноста на македонската Влада која ја закочи европската иднина на државата, а младите просперитетот го гледаат надвор од своето родно место.
Само минатиот месец имаме покачување на невработеноста за 2900 лица, а во мандатот на Владата на Мицкоски имаме повеќе од 32 илјади затворени работни места.
Најголем дел од овие луѓе ја напуштиле државата и си заминале по белиот свет да побараат подобра шанса за успех и просперитет.
За жал ниту еден фејк статистички податок овие млади луѓе нема да ги врати назад“, наведуваат СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Македонија е шеста држава во светот во привлекување на странски инвестиции по БДП.
„Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Поврзано:
Мицкоски: Македонија е шеста држава во светот во привлекување на странски инвестиции по БДП