Студентите во блокада на факултетите на Универзитетот во Нови Сад и граѓани денеска го блокираа влезот на зградата на правосудните органи во градот, во знак на протест против, како што наведуваат, неосновани апсења.
Тие се распоредија на сите четири влеза и не дозволуваат никој да влезе. Полицијата е присутна во објектот и зад оградата на задниот влез, додека вработените стојат во близина, но не влегуваат, пренесува Бета.
Novi Sad… tužilaštvo pod blokadom. 👇👇👇“ pic.twitter.com/9F6urxSBl4
— Marija🇷🇸 (@Marija740) August 19, 2025
Демонстрантите прават бучава со свирчиња, вувузели и тапани. Сообраќајот по улицата Сутјеска не е блокиран.
Студентите порачаа дека оваа блокада е чин на отпор „против неоснованите апсења и правното насилство што овие денови се спроведува врз нашите колеги и пријатели“.
Тие бараат веднаш да бидат ослободени сите кои, како што тврдат, се притворени без докази, а против кои се поднесени тешки кривични и прекршочни пријави, меѓу кои и за напад врз службено лице, насилничко однесување, нарушување на јавниот ред и мир и дури и за обид за тешко убиство.
Според студентите, на 12 нивни колеги им е изречен притвор до 30 дена. Шестмина се товарат за обид за тешко убиство поради наводен напад врз припадници на специјалната единица на воената полиција „Кобри“ за време на протестите минатата недела. Петмина се во затвор во Клиси, а еден е во домашен притвор со електронски надзор поради влошена здравствена состојба.
Протестите пред судот започнаа вчера и завчера, по што беше донесена одлука денеска да се почне со блокада.