Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со досегашниот тек на случајот со пожарот во Кочани, по пет месеци од трагедијата во која загинаа 62 лица, истакна дека остава на обвинителско-судските органи да ја завршат процедурата.
-Јас се воздржувам да коментирам изминатиов период и ќе ја продолжам таа пракса да не коментирам, оставам обвинителско-судските органи да си ја завршат процедурата. Колку што знам покренатото обвинение е во рамките на оценка од страна на судовите, така што не би сакал дополнително да коментирам, одговори Мицкоски во изјава за медиуми, по отворањето на нова хала на компанијата „Амфенол“ во Општина Кочани.
Обвинителството го поднесе обвинението за пожарот во Кочани на 13 јуни. Во него се обвинети 34 лица и три фирми. Надлежноста ја презема Кривичниот суд откако беше утврдено дека во основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.