Руската и кинеската морнарица изведуваат заедничка поморска патрола во западен Пацифик, како дел од воената соработка што отворено ги предизвикува САД во регионот, пишува Њусвик( Newsweek).
По почетокот на војната во Украина, Русија одржува партнерство со Кина што претседателот Владимир Путин го нарекува „без ограничувања“. Двете земји ги продлабочија воените врски, при што повеќе од половината од нивните 113 заеднички вежби од 2003 година се одржаа во последните шест години. Оваа соработка вклучува заеднички патроли на стратешки бомбардери и поморски бродови во Пацификот.
Најновите руско-кинески воени активности, вклучувајќи ја и вежбата „Заедничко море 2025“ и поморската патрола, доаѓаат откако нивниот заеднички ривал, САД во јули спроведе големи воздушни воени вежби во Пацификот. Американските сили, исто така, учествуваат во две вежби во Алјаска и Арктикот, поради загриженоста за растечкото руско и кинеско присуство во регионот.
Кинеската морнарица, која има најголема флота воени бродови во светот, вчера објави снимки од заедничка патрола со својот руски партнер, потврдувајќи дека маневрите биле успешно завршени во западниот дел на Пацификот. За време на 15-дневната патрола, која следеше по вежбата „Заедничко море 2025“, одржана од 1 до 5 август во близина на Владивосток, двете морнарици, меѓу другото, спроведоа вежби за придружба и воздушна одбрана, објави кинеската државна агенција Ксинхуа.
Деталите за патролата, вклучувајќи ги и рутите, остануваат нејасни. На 12 август, Руската пацифичка флота објави дека три брода се закотвиле во заливот Авача на полуостровот Камчатка, околу 925 километри од најзападниот дел на Алеутските Острови во Алјаска. Додека руските и кинеските бродови беа на море, САД испратија разурнувач во водите околу Алеутските Острови како дел од операциите за поддршка на „морската одбрана на татковината“.
Кинескиот воен експерт Фу Ќианшао изјави за кинескиот „Глобал тајмс“ дека застанувањето во Камчатка укажува дека патролата поминала долга дистанца, што помогнало да се подобри нивото на обука на кинеската морнарица.
Полковник Џијанг Бин, портпарол на кинеското Министерство за одбрана, на 8 август изјави: „Кина и Русија се придржуваат до принципите на неврзаност, неконфронтација и ненасочување кон трети страни во развојот на билатералните и воените односи и заеднички играат важна улога во зачувувањето на меѓународниот и регионалниот мир и стабилност“.
Руската пацифичка флота на 14 август, пак,соопшти дека „заедничката поморска патрола има за цел да ја зајакне поморската соработка меѓу Русија и Кина, да го одржи мирот и стабилноста во Азиско-пацифичкиот регион, да ги следи морските води и да ги заштити поморските економски активности на двете земји“.