Во чест на вековната историја на украинската државност и државните симболи на независна Украина, со Указ на Претседателот на Украина во 2004 година е прогласен Денот на Државното Знаме на Украина, кој се одбележува секоја година на 23 август.
Следниот ден, на 24 август, Украина го одбележува Денот на Независноста – најголемиот државен празник. Тој е прогласен во чест на исклучителниот историски настан – усвојувањето во 1991 година од страна на Врховната Рада на Украинската ССР на Актот за прогласување на независноста на Украина.
За Украинците, слободата и достоинството секогаш биле основни вредности. Тие поттикнувале на борба за независност. Во XX век украинскиот народ неколкупати ја стекнува својата државност. Затоа е исправно да се смета дека на 24 август 1991 година Украина ја обновила својата независност. Важен чекор кон враќањето на историската правда беше усвојувањето на Декларацијата за државен суверенитет на Украина на 16 јули 1990 година. Тогаш Врховната Рада на УССР го поддржа тежнеењето на народот да ја елиминира политичката и економската зависност од московскиот центар и да гради самостојна држава, да ја возобновува националната култура и историското сеќавање.
На 4 септември 1991 година националното сино-жолто знаме се развеа над Врховната Рада на Украина.
На 24 август 1991 година Украина ја обнови својата државна независност, што претставуваше кулминација на долгиот пат на украинскиот народ кон слободата.
Прогласувањето на независноста на Украина во 1991 година одигра пресудна улога во распадот на СССР и конечното укинување на комунистичката тоталитарна империја.
Тежнеењето кон слобода и чувствителноста кон неправдата се определувачки особини на Украинците. Тие ни даваа сила и енергија да останеме свои во времиња на бездржавност. Стекнувањето независност за создавање на сопствена иднина е највисок израз на слободата на украинскиот народ.
Независноста е како воздухот. Не ја забележуваш, но без неа не можеш да живееш. Русија привремено окупира до 20% од украинската територија, „прекинувајќи го кислородот“ за нејзините жители.
На окупираните територии руската империја донесе стари практики на уништување на украинството: запалена земја и мародерство, филтрациски и концентрациони логори, одземање на имот и депортации, убиства и мачења, русификација и деукраинизација, лажни референдуми и цинична пропаганда.
Сепак, текот на историјата сведочи дека волјата на украинскиот народ не може да се скрши. Невозможно е да се вратат Украинците, кои го доживеале чувството на слободата и слободниот развој – тие никогаш нема да прифатат покорност и тоталитарна контрола. И покрај сите тешкотии и пречки што ги создава за украинската држава непријателскиот режим на земјата-агресор, Украина решително се движи напред – кон полноправно членство во Европската Унија и НАТО, сè повеќе оддалечувајќи се од перспективата да стане една од многуте запуштени провинции на „руската империја“.
Затоа, колку и да трае окупацијата на украинските земји од тоталитарна Русија, таа неизбежно ќе заврши со враќање на окупираните територии и Украинците кои остануваат таму – во состав на Украина.
Кон тоа ќе придонесе нескршливиот дух на украинскиот народ и искрената поддршка на сите негови пријатели и партнери, кои, секој колку што може, ѝ помагаат на Украина во нејзината праведна борба за слобода и независност. Украина е и ќе остане слободна и силна, секогаш способна да го сопре агресорот, бидејќи само благодарение на тоа цела Европа ќе се чувствува безбедна и ќе се развива мирно во иднина.
Амбасада на Украина