Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција остро ја критикуваше економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека државата се наоѓа во „најголема економска несигурност што сме ја виделе досега“.
„Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко. Минималната синдикална кошница секој месец урива нови рекорди. Во јуни 2024 изнесуваше 60.325 денари, а денеска достигна 65.507 денари. Тоа значи дека основните трошоци за живот се зголемени за околу 5.000 денари, додека минималната плата е зголемена за само 2.000 денари“, изјави Филипче.
Тој ги отфрли тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека има значителен раст на платите. „Премиерот се фали со раст од 11, 12 или 13%, но реалноста е дека реалната плата – онаа што ја покажува куповната моќ – во јуни порасна само 3,8%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец,“ рече лидерот на СДСМ.
Филипче ја обвини власта дека свесно ја разгорува инфлацијата за да обезбеди поголеми приходи во буџетот и профити за блиските компании. „Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. За разлика од сите земји во регионот, кај нас нема никакви редовни и навремени мерки против растот на цените,“ нагласи тој.
Лидерот на СДСМ потсети дека нивната влада, и за време на ковид-кризата и за време на енергетската криза, носела антикризни пакети за зачувување на стандардот. „Минималната плата од 8.000 денари ја зголемивме на 22.500, а просечната од 22.000 на 40.000 денари. Погрешно е што ВМРО-ДПМНЕ ги прекина овие политики,“ рече Филипче.
Во однос на идните политики на СДСМ, тој најави нови мерки за раст на приходите и заштита на граѓаните: „Нема да отстапиме од нашите решенија – зголемување на минималната плата на 500 евра, намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Повторно ќе ги поднесеме овие предлози во Собранието.“
Филипче заврши со порака дека „битката за поголем приход е битка за достоинствен живот“, нагласувајќи дека СДСМ ќе ја води „со граѓаните и за граѓаните“.