Ема Хеминг Вилис, сопругата на холивудската ѕвезда Брус Вилис, отворено зборува за секојдневните предизвици со кои се соочува нивното семејство откако актерот боледува од фронтотемпорална деменција.
Во интервју за Дијан Сојер во специјалот „Emma & Bruce Willis: The Unexpected Journey“, Хеминг Вилис опиша дека иако актерот е физички во добра здравствена состојба, неговиот мозок е оној што попушта. „Јазикот исчезнува, и ние научивме да се прилагодиме. Имаме свој начин на комуникација со него – само е поинаков начин,“ изјави таа.
Брус Вилис (69) се повлече од актерството пред три години, поради прогресијата на болеста која ги погодува фронталните и темпоралните лобуси на мозокот – делови поврзани со личноста, однесувањето и јазикот.
Ема Хеминг откри дека донела тешка одлука да го пресели сопругот во едноспратна куќа, каде што има 24-часовна грижа, но тој и понатаму останува блиску поврзан со семејството. „Секое утро и секоја вечер сме заедно на оброци. Тој ги држи нашите раце, се гушкаме, се бакнуваме,“ рече таа.
Таа додаде дека најмногу ѝ недостигаат разговорите со сопругот. „Би сакала да знам дали е добро, дали се чувствува безбедно, дали е исплашен. Само да можам повторно да разговарам со него,“ вели Хеминг Вилис.
Брус и Ема се во брак од 2009 година и имаат две ќерки, Мејбел (13) и Евелин (11). Од претходниот брак со актерката Деми Мур, Вилис има уште три возрасни ќерки – Румер, Скаут и Талула.
Документарниот специјал е достапен на Hulu и Disney+, а на 9 септември ќе биде објавена и книгата на Ема Хеминг Вилис „The Unexpected Journey“, во која ја опишува нивната семејна борба со деменцијата.
Редакција Фронтлајн