Филмот „Татко, мајка, сестра, брат“ на независниот американски режисер Џим Џармуш ја освои престижната награда Златен лав на годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, иако многумина очекуваа главната награда да ја добие „Гласот на Хинд Раџаб“, филм за убиството на петгодишно палестинско девојче во Газа.
Филмот на Џармуш, поделен на три дела снимани во Њу Џерси, Даблин и Париз, се занимава со темите на семејството, стареењето и односите меѓу родителите и возрасните деца, со главни улоги на Том Вејтс, Адам Драјвер, Мајим Бјалик, Шарлот Ремплинг, Кејт Бланчет, Вики Крипс, Индија Мур и Лука Сабат. Иако доби претежно позитивни критики, не беше фаворит за главната награда.
„Гласот на Хинд Раџаб“ на Каутер Бен Ханија го освои Сребрениот лав за втор најдобар филм, додека специјалната награда на жирито му припадна на италијанскиот режисер Џанфранко Роси за лирскиот документарен филм за Неапол. Кинеската актерка Син Жилеи беше прогласена за најдобра актерка за улогата во филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ на Каи Шангјун, додека италијанскиот актер Тони Сервило ја доби наградата за најдобар актер за улогата во „Ла Грација“ на Паоло Сорентино. Бени Сафди беше награден за најдобар режисер за биографскиот филм „Машина за разбивање“ со Емили Блант и Двејн Џонсон.
Наградите за најдобро сценарио ги добија Валери Донцели и Жил Маршан за драмата „На работа“, а швајцарската актерка Луна Ведлер ја доби наградата „Марчело Мастројани“ за млади актери за улогата во „Тивок пријател“.
Во категоријата „Хоризонти“, наградата за најдобар филм ја освои „На пат“ на Давид Паблос, додека Анупарна Рој беше наградена за режија за дебитантскиот филм „Песни на заборавеното дрво“.
На фестивалот беа видени и филмовите „Франкенштајн“ на Гиљермо дел Торо, „Без друг избор“ на Парк Чан-вук, „Куќа од динамит“ на Кетрин Бигелоу, „Бугонија“ на Јоргос Лантимос и „Волшебникот од Кремљ“ со Џуд Ло во улога на Владимир Путин.
Фестивалот, на кој беа прикажани над 70 филмови, беше одбележан со протести против војната во Газа и против учеството на одредени актери, како што беше случајот со израелската актерка Гал Гадот.