Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, реагира на повторното загадување на главниот град од пожарот што избувна во компанијата за преработка на отпад „Нула отпад“ во скопско Турбарево, и побара итна одговорност од властите.
„Скопје повторно под црн чад! Граѓаните пак вдишуваат отров наместо чист воздух. Кој ќе сноси одговорност за труењето на граѓаните?“ праша Шукова.
Таа остро ја критикуваше актуелната локална власт, нагласувајќи дека последните четири години под раководство на ВМРО-ДПМНЕ во општините „сѐ е импровизација“.
„Отпадите и депониите работат без соодветни стандарди за заштита на животната средина и без контрола,“ истакна Шукова, додавајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници им должат одговори на граѓаните и тоа веднаш“.
Според неа, жителите на Скопје имаат право на здрав живот и чист воздух, а не на постојани пожари, чад и труење. „Доста е со импровизации и молк. Време е за реални решенија и вистинска грижа за граѓаните,“ порача кандидатката за градоначалник.