Универзитетското студентско собрание на УКИМ со загриженост реагира на неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември 2025 година.
„Најголеми гужви и проблеми се забележаа во студентските домови ‘Гоце Делчев’ и ‘Пелагонија’, каде што дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени“, велат од УСС-УКИМ.
Додаваат дека студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на нивниот престој во домовите.
Во писменото соопштение, УСС-УКИМ наведува неколку барања за подобрување на процесот:
„Отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием.“
„Поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват.“
„Присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите.“
„Дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.“
УСС-УКИМ, исто така, нагласува дека е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување и апелира институциите да развијат соработка со факултетите за стручна поддршка во дигитализацијата на системот.
„Со овие мерки веруваме дека ќе се обезбеди побрз, поорганизиран и достоинствен прием на студентите во државните домови“, велат од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Редакција Фронтлајн