Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски. Со оваа одлука, Сојузот ја потврдува својата определба за континуиран развој и засилено застапување на интересите на бизнис-заедницата во земјата и регионот, се вели во соопштението од Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Ова е еден специфичен момент затоа што треба многу работи да се направат за брендот Сојуз на стопански комори повторно да дојде на она реноме од пред десетина, петнаесет години. Да влеземе во едни нови времиња на начин на кој што ќе придонесеме за зајакнување на деловното застапување, за водење на дигитална трансформација, за силен раст на
продуктивноста и транспарентноста на домашните компании.“ истакна новоизбраниот претседател Горан Ѓорѓиевски.
Во својата програма, претседателот најави повеќе приоритети кои ќе бидат во фокусот на неговиот мандат:
-Унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со надлежните институции и предлози за системски реформи,
-Поддршка на малите и средните претпријатија како основен двигател на македонската економија,
-Поттикнување на иновациите и дигиталната трансформација во сите сектори на стопанството,
-Јакнење на регионалната и меѓународната соработка, со цел отворање на нови пазари и зголемување на конкурентноста на македонските компании,
-Развивање на кадровски потенцијали преку инвестирање во образование, обуки и усогласување на вештините со потребите на пазарот на труд.
„Потребни се силен раст и трансформација и инвестиции во обновливи извори на енергија, силен раст на производство и извоз како и поттикнување на иновации и претприемништво и инвестиции во човечки капитал. Намерата е да направиме нешто, една визија каде што навистина ќе донесеме една трајна вредност за компаниите“ додаде Ѓорѓиевски.
Со изборот на нов претседател, Сојузот на стопански комори на Македонија испраќа јасна порака дека ќе остане силна, професионална и независна платформа за застапување на интересите на компаниите, со визија за економски напредок и подобра иднина за целото општество, се наведува во соопштението од Сојузот на стопански комори на Македонија.