Актерката, пејачка и бизнисменка Селена Гомез и музичкиот продуцент Бени Бланко во саботата стапија во брак во Калифорнија, објавија двајцата на своите профили на Инстаграм.
Гомез сподели серија фотографии со романтичен филтер, на кои е во бела венчаница со халтер-крој, додека Бланко носи класично црно смокинг од „Ралф Лорен“. Таа држи едноставен букет бели цветови, а во описот стои само датумот „9.27.25“ со бели срца и песната „La Vie En Rose“ во позадина. „My wife in real life“, коментираше Бланко под објавата. До неделата наутро, фотографиите собраа над 17 милиони лајкови, меѓу кои и од ѕвезди како Сабрина Карпентер и Сидни Свини.
Следниот ден, Бланко објави свои фотографии со коментар: „i married a real life disney princess“. На нив се гледа парот како се опушта на бела софа, како и близок кадар на нивните венчални прстени.
View this post on Instagram
Според „Вог“, венчавката се одржала во Санта Барбара, со присуство на Тајлор Свифт, како и колегите на Гомез од серијата „Only Murders in the Building“ – Стив Мартин и Мартин Шорт. Наводно, Мартин Шорт бил и носител на прстените, што Гомез претходно го најави во гостување кај Џими Фалон. На списокот на гости се најдоа и Ед Ширан, како и нејзиниот колега од „Wizards of Waverly Place“, Дејвид Хенри.
Гомез (33) и Бланко (37) ја објавија својата свршувачка во декември 2024 година со порака „forever begins now“. Двајцата се запознале пред повеќе од една деценија, а заедничкиот музички проект „I Can’t Get Enough“ од 2019 година ги поврзал професионално. Во 2023 година ја потврдија својата врска, а годинава го објавија и првиот заеднички албум „I Said I Love You First“.
Редакција Фронтлајн