Актерката создадена со вештачка интелигенција со име Тили Норвуд предизвика бурни реакции во Холивуд, откако дел од медиумите објавија дека талент-агенции и студија разгледуваат можност да ја ангажираат.
Тили изгледа како млада жена, објавува на Инстаграм како секој друг Gen Z инфлуенсер и дури зборува за „screen tests“ и актерска кариера. Но таа не е вистинска личност, туку AI-креација на стартапот Particle6, основан од режисерката и продуцентка Елине Ван дер Велден.
По откривањето на проектот, следеше лавина од критики од актери и филмски работници. „Wow … no thanks,“ напиша актерката Софи Тарнер („Game of Thrones“). Камерон Коупертуејт („Shameless“, „American Horror Story“) оцени дека проектот е „мисловно беден и вознемирувачки“, додека актерот Ралф Инесон („Nosferatu“) реагираше со кратка, но јасна порака: „F**k off.“
Во заедничка изјава објавена на профилите на Тили и Ван дер Велден, креаторката нагласи дека AI-ликот не е замена за човечки актери:
„Тили е креативно дело, уметност – како анимацијата или CGI. AI треба да се гледа како нов жанр, а не како закана за живата глума,“ напиша таа.
Но за многу актери ова објаснување е „ладна утеха“. Глумци и сценаристи предупредуваат дека ваквите проекти постојат благодарение на нивната работа искористена без дозвола или надомест. „Не сте го создале ова. Илјадници вистински работници го создадоа. Вие само го украдовте,“ напиша актерката Мара Вилсон („Matilda“).
Стравувањата од AI беа централна точка на штрајковите во Холивуд во 2023 година, а големите студија се веќе во судски битки со компании како Midjourney, обвинувајќи ги за нелегално користење на заштитени материјали.
Во меѓувреме, OpenAI објави дека новата верзија на нејзиниот генератор за видео – Sora – ќе вклучува механизми за заштита на авторски права и можност јавни личности да го ограничат користењето на нивниот лик.
Редакција Фронтлајн