При денешната посета на Општина Аеродром, кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, ја отвори и темата која, според неа, е од особена важност за граѓаните проблемот со бездомните животни.
„Во изминатиот период, низ разговорите со граѓаните, речиси секојдневно го слушаме истиот проблем уличните кучиња. Проблемот е реален и мора да се решава со сериозен, хуман и системски пристап“, истакна Шукова.
Таа најави план за изградба на државно прифатилиште со поголем капацитет, кое ќе овозможи поефикасно справување со проблемот.
„И покрај активностите на ‘Лајка’, потребен е поголем и одржлив капацитет. Затоа предвидуваме државно прифатилиште кое ќе го адресира проблемот во корен“, додаде таа.
Шукова најави зголемени активности за чипирање, стерилизација и вакцинација на уличните животни, во соработка со ветеринарни станици и граѓански здруженија.
„Мораме на хуман начин да го решиме проблемот. Секако, и институциите и граѓаните треба да бидат дел од решението“, потенцираше Шукова.
Во својата програма таа предвидува и изградба на крематориум за домашни миленичиња, како сервис што, според неа, недостасува во градот.
„Покрај тоа што мораме да се грижиме за уличните животни, мора да понудиме и достоинствен начин на збогување со нашите домашни миленици. И тоа е дел од хуманиот пристап кон животните“, изјави Шукова.