Легендарната уметница на перформансот Марина Абрамовиќ, ја претставува својата најнова и најамбициозна работа досега – „Balkan Erotic Epic“, четиричасовна претстава инспирирана од древни словенски и балкански ритуали, која од 9 до 19 октомври ќе се изведува во Aviva Studios во Манчестер, пред да започне меѓународна турнеја, пренесува Гардијан.
Во проектот, што опфаќа 13 сцени со повеќе од 70 актери, танчери и локални изведувачи, Абрамовиќ ја истражува улогата на телото и сексуалноста во традициите поврзани со земјоделство, брак, погреби и плодност. Настапот вклучува елементи на голотија и експлицитна еротика, но уметницата нагласува дека не станува збор за порнографија, туку за повторно откривање на корените и колективната човечка историја.
„Овие древни ритуали секогаш ги вклучувале гениталиите, без исклучок,“ вели Абрамовиќ. „За мене тоа не е провокација, туку истражување на човековата суштина и нашата врска со природата.“
Представата започнува со погребот на Јосип Броз Тито и завршува со свадбени славја, а во меѓувреме оживуваат сцени како албански воини-жени, еротски танц меѓу Србин и Албанец, ритуали со плодност и дури „градина“ со петметарски фалуси.
Абрамовиќ, родена и израсната во Белград, вели дека ова е најважниот проект во нејзината кариера. „Никогаш не сум направила нешто толку комплексно, толку смело. Се будам сред ноќ од возбуда,“ признава таа.
Претставата е делумно и автобиографска: ликот на нејзината мајка, строгата комунистичка хероина, се појавува низ сцените, а преку перформансот Абрамовиќ се обидува да ја „ослободи“ на начин што не можела во животот.
Со своите 79 години, уметницата покажува неисцрпна енергија и вели дека сака преку делото да поттикне публика да се соочи со минатото и да ги преиспита сопствените предрасуди. „Не мислам дека уметноста може да го смени светот, но може да отвори свест и да ги постави вистинските прашања,“ додава таа.
По Манчестер, „Balkan Erotic Epic“ ќе патува и во Њујорк, каде што Абрамовиќ ќе го прослави својот 80-ти роденден со голема уметничка прослава во Park Avenue Armory.
Редакција Фронтлајн