Проект за целосна санација и уредување на фасадите на сите згради во стариот дел на општина Чаир, најави денеска Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Националната унија за интеграција (НУИ).
-Ќе започнеме сериозен проект од првиот ден за уредување на фасадите на сите згради во стариот Чаир. Ова не е само прашање на естетика, туку и прашање на енергетска ефикасност. Нова фасада значи и нова термоизолација, што ќе ги намали трошоците за греење во зима, а во лето ќе го заштити животниот простор, рече Османи на денешната прес-конференција.
Тој ги претстави и деталите како ќе се финансираат овие проекти, нагласувајќи дека со добро планирање тие можат да се финансираат главно со европски средства. Османи истакна дека како поранешен национален координатор за европски фондови, добро ги познава работите во оваа сфера и веќе има формирано професионален тим што ќе работи на подготовка на проекти.
-Врз основа на сите анализи што ги направивме, ова се проекти кои Европската Унија ги поддржува финансиски, пред сè поради енергетската ефикасност и заштитата на животната средина. До 85 отсто од трошоците за вакви проекти можат да се обезбедат преку европски фондови, а останатите 15 отсто ќе ги покрие општината, рече Османи и додаде дека од милијардите евра што и биле достапни на Северна Македонија, Општина Чаир во изминатите 20 години искористила нула евра, затоа што не подготвувала проекти и немала стручни луѓе кои знаат да работат на такви проекти.
Османи појасни дека за вакви интервенции до сега, проектите предвидувале граѓаните да ги покријат две третини од трошоците, а општината само мал дел.
-Но, луѓето немаат можност да ги поднесат тие трошоци за заедничките фасади, за лифтовите и за внатрешното уредување. Затоа, мојата додадена вредност како иден градоначалник на Чаир е што добро ги познавам европските фондови, добро го познавам Брисел и ги познавам луѓето кои одлучуваат за нив. И проектите како фасадите, новите лифтови, уредувањето на овој дел од Чаир ќе бидат апсолутен приоритет, и со целиот мој капацитет ќе почнат уште од првиот ден, потенцираше Османи.
Посочи дека реновирањето на фасадите и зачувувањето на стариот дел од Чаир ќе му биде приоритет и повтори дека овој дел ќе биде целосно заштитен и нема да бидат дозволени повеќе дивоградби.