Во рамки на 48. Денови на македонска музика, вечер во Музејот на македонската борба ќе настапи триото АСТНИДЕ од Германија. Триото го сочинуваат Петар Манчев – виолина, Феликс Цимерман – виолончело и
Марико Судо – пијано.
На програмата се делата на македонскиот композитор Благој Цанев – „Фолклорни напеви за виолина, виолончело и пијано“ и на Јоханес Брамс – Клавирско трио бр.1, оп.8 и „Трио 25.713“ на Дамјан Темков.
Петар Манчев започнал со изучување на виолина на шестгодишна возраст во својот роден град, Скопје. Како ученик се истакнал на повеќе национални музички натпревари и настапува како солист со Македонската филхармонија. Од 2000 до 2002 студирал кај професорот Ангел Станков на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, а потоа го продолжил своето образование на Универзитетот за уметности „Фолкванг“ во Есен, Германија, каде дипломирал во 2008 година и го завршил концертниот испит (Konzertexamen) во 2015 година.
Првите оркестарски искуства ги стекнал во Младинската камерна опера во Келн, Камерниот оркестар „Фолкванг“ во Есен и Класичната филхармонија во Бон. Во соработката со Стефан Шард и Вернер Ерхард се запознава со историски информираната изведувачка пракса – пристап заснован на изведбена автентичност и музиколошки увиди во стилот и звучноста на минатите епохи. Овој интерес подоцна станува централен аспект на неговата уметничка и истражувачка ориентација, а го продлабочува преку дополнителни насоки од Мајуми Хирасаки, Антон Штек, Мери Утигер и Рајнхард Гебел.
Како виолинист, Манчев редовно соработува со истакнати ансамбли и оркестри, меѓу кои L’arte del mondo, Камерниот оркестар „Фолкванг“ во Есен, Das Neue Orchester и Concerto Köln. Настапува на бројни фестивали и дискографски проекти, а има соработувано со реномирани уметници како Даниел Хоуп, Даниел Милер-Шот, Тревор Пинок, Рајнхард Гебел, Кент Нагано и Доротеe Оберлингер. Од 2013 година е предавач по виолина и камерна музика во музичкото училиште „Фолкванг“ во Есен.
Феликс Цимерман го стекнал своето музичко образование на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин кај Стефан Гиглбергер, а потоа на Универзитетот за уметности „Фолкванг“ во Есен, во класата на проф. Јунг-Чанг Чо. Влијанијата од Рајнхард Гебел и Стефан Шардт имаат значајна улога во неговото формирање, насочувајќи го кон автентичната изведувачка пракса и кон студиите по барокно виолончело кај Маркус Моленбек. Во истиот период следи часови и кај Мајуми Хирасаки, Кристијан Ригер и Михаел Шмит-Касдорф.
Уште за време на студиите настапува со Хамбуршките филхармоничари, Есенската филхармонија и Фестивалскиот оркестар на Шлезвиг-Холштајн, стекнувајќи богато оркестарско искуство. Денес неговата уметничка активност опфаќа бројни концертни настапи, студиски и радиофонски снимки, како солист и ансамблов музичар. Како изведувач посветен на историски информираната интерпретација, соработува со ансамбли како Gaechinger Cantorey, Capella Augustina, L’arte del mondo, Neue Hofkapelle Osnabrück, Das Neue Orchester и Kölner Akademie, а редовно настапува и со симфониски оркестри, меѓу кои Дортмундските филхармоничари и Новата филхармонија Вестфален.
Германско-јапонската пијанистка Марико Судо е истакната камерна музичарка и дуо-партнерка со меѓународна репутација. Паралелно со концертната дејност, активно се посветува и на организација на културни и уметнички настани, реализирајќи авторски проекти и концертни серии како Kunsthaus Salon Essen и Piano Late Night.
Добитничка е на повеќе престижни награди и стипендии, меѓу кои наградата Mendelssohn-Bartholdy на Пруската културна фондација, признанија од здружението Freunde Junger Musiker e.V., стипендијата на DAAD и наградата на Фондацијата Richard Wagner во Бајројт. Во 2010 година настапува во Carnegie Hall во Њујорк. Судо има настапувано на бројни меѓународни фестивали, како Ruhrtriennale, Klavierfestival Ruhr, Langenberg Festival, Sarasota Music Festival и Musikfest der Pädagogischen Hochschule Beijing.
Влезот за концертот е слободен. Концертот е поддржан од Гете Институ – Скопје и Друштвото за германско-македонско пријателство.