Виолина која некогаш му припаѓала на Алберт Ајнштајн е продадена на аукција за 860.000 фунти, далеку над почетната проценка од 300.000 фунти. Виолината „Зунтерер“ од 1894 година, за која се верува дека е првата на Ајнштајн, беше продадена преку аукциската куќа Dominic Winter Auctioneers во Саут Серни, Глостершир.
Со додадена провизија од 26,4%, конечната цена ќе надмине 1 милион фунти, што може да претставува рекорд за највисока продажна цена на виолина што не ѝ припаѓала на концертен виолинист и не била изработена од Страдивариус. Претходниот рекорд го држеше инструмент за кој се верува дека бил свирен на „Титаник“.
Крис Олбери, главен аукционер и специјалист за историски меморабилии, ја опиша десетминутната продажба како „посебен момент“, додавајќи дека три телефонски понудувачи се натпреварувале до самиот крај.
Филозофска книга што Ајнштајн му ја подарил на пријател е продадена за 2.200 фунти, додека седиште за велосипед што му припаѓало нему не успеа да се продаде и можеби повторно ќе биде понудено.
Ајнштајн, кој почнал да свири виолина на четиригодишна возраст, еднаш изјавил дека доколку не бил научник, би сакал да биде музичар. Предметите од аукцијата првично му биле подарени на неговиот пријател и колега физичар Макс фон Лау во 1932 година, пред Ајнштајн да побегне во Америка за да избега од антисемитизмот и нацизмот. Подоцна, фон Лау ги подарил на познаничка и обожавателка на Ајнштајн, Маргарете Хомрих, а нејзината пра-пра-внучка ги стави на продажба.
Друга виолина која му припаѓала на Ајнштајн, подарена кога пристигнал во САД во 1933 година, беше продадена на аукција во Њујорк во 2018 година за 516.500 долари (370.000 фунти).
Редакција Фронтлајн