Порталот Рацин.мк во нивното истражување, поврзува, како што велат, „неколку факти кои произлегуваат од новинарските записи“ дека компанијата која денес е во фокус на критиките, добивала милионски тендери и во времето кога Христијан Мицкоски бил дел од управата на ЕЛЕМ.
Во истражувањето, Рацин.мк објави дека градежната фирма „Марковски компани“, која во последниве денови е во фокус на политички полемики, е стар и долгодишен партнер на државните енергетски претпријатија уште од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците наведени во текстот, компанијата е основана во 2002 година од Борче Марковски од Битола и започнала да бележи силен раст во 2012 година, кога започнува да добива јавни набавки од АД ЕЛЕМ, денешно ЕСМ. Само во таа година, приходите на фирмата речиси се удвоиле – од 2,7 на 4,2 милиони евра, а бројот на вработени се зголемил од 61 на 104 лица.
Во следните години, според извештаите, „Марковски компани“ достигнува приходи од над 10 милиони евра и профит од повеќе милиони, најмногу во периодот 2012–2016, кога земјата ја водеше ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време, Христијан Мицкоски прво бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев, а потоа, во 2016 година, бил именуван за генерален директор на АД ЕЛЕМ, што е потврдено и на официјалната страница на компанијата.
Порталот наведува дека токму во овој период „Марковски компани“ добива најмногу тендери – над 40 договори во вредност од повеќе од 55 милиони евра, главно од АД ЕЛЕМ, самостојно или како носител на група понудувачи. Дел од тие проекти биле изведувани и преку подизведувачи, меѓу кои фирмите „Топлина“ од Подмоље, како и „Јавор Транс“ и „Сим Инженеринг“ од Струмица.
Според анализата, „Топлина“ – некогашен подизведувач на „Марковски компани“ – годинава добила тендер од 24 милиони евра за ископ на јаглен во рудникот Брод–Гнеотино за потребите на РЕК Битола, откако договорот со „Марковски компани“ бил раскинат во декември минатата година.
Рацин.мк дополнително упатува на информации објавени во бугарски медиуми, каде се споменуваат сопствениците на струмичките подизведувачи, Горан и Симеон Крстев, кои наводно се активни во енергетскиот бизнис преку фирмите „Солар ЦД“ и „Енерџи Холдинг“, како и нивната поврзаност со Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на премиерот Мицкоски.
Иако ВМРО-ДПМНЕ во јавноста ја претставува „Марковски компани“ како фирма блиска до СДСМ, во извештајот се посочува дека токму за време на нивното владеење компанијата го остварила најголемиот дел од своите приходи од јавни пари.
Целиот текст, на Рацин мк ТУКА