Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски останува на прогнозата дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори ќе освојат од 45 до 50 градоначалници, а опозициската СДСМ најмногу шест.
Мицкоски вечерва во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 рече дека очекува убедливо најголем резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, меѓу 350 000 и 360 000 гласови на советничките листи.
– Не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на сите анкети има предност во однос на СДСМ. Во кампањата се нивелираат десетина проценти од вкупниот процент на гласови кои се распределуваат обично пропорционално како што се распределени другите 90 проценти. Нема некои големи отстапувања и на овие избори би се задржал на прогнозите од пред кампањата. Чувствувам дека довербата на граѓаните е таа која ја имаме и дека бројките ќе бидат тие што ги кажав. Тоа е очекувана варијанта, но има и оптимистичка варијанта, која дел од моите соработници ме убедуваат дека ќе се случи дека ќе има е над 50 градоначалници, но јас би се задржал до мојата конзервативна проценка помеѓу 45 и 50, рече Мицкоски.
Дополни дека останува на прогнозата дека СДСМ ќе освои до шест градоначалници.
Мицкоски рече дека не гледа ништо невообичаено во средбата на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков со поранешниот претседател на државата и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски.
– Тоа предизвика вознемирување во редовите на СДСМ и актуелниот претседател на СДСМ Венко Филипче кој во време на Владата на ВМРО кога јас бев советнк на тогашниот премиер тој беше советник на тогашниот министер за здравство. Нема да навглегувам во таков тип на дискусија бидејќи не ги знам ниту причините ниту мотивите, но со истиот тон и на истиот начин се интерпретираше и средбата на Ралев со Орце Ѓорѓиевски, идниот градоначалник на Скопје, кога Ралев кој важеше за еден од потенцијалните кандидати на СДСМ испи кафе со Ѓорѓиевски и даде поддршка, рече Мицкоски.
Тој оцени дека во структурата на СДСМ се случува одредена дисторзија.
– Не мислам дека темата била изборите, нема да ги коментирам изборите, туку фактички работи, а факт е дека денес кога ќе ги погледнете собирите што ги организира ова раководство на СДСМ, тие немаат поддршка ниту од сопствените пратеници, ретко кога некој пратеник дал поддршка на митинзите, очигледно дека нешто се случува таму, дека има одредена дисторзија во структурата на СДСМ, рече Мицкоски.
Оцени дека Левица се уште нема капацитет да го заземе местото на СДСМ и оти нивниот максимален капацитет што може да го мобилизираат е меѓу 50 000 и 70 000 гласа. СДСМ според нашите бројки би требало да биде под 150 000 гласа, наведе Мицкоски.
Тој истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ за овие локални избори е со јасно дефинирани цели и проекти, додека опозициската СДСМ уште од првиот ден води црна кампања.
– Таа понуда која што ја презентиравме на овие избори е со јасно дефинирани цели со проекти со термини, вредности итн. Од другата страна имавме исклучиво негативна и црна кампања, ad hominem напади, ниски страсти итн. Јас ниту во еден момент не навредив во оваа кампања никого, а за себе читав би било штосно во оваа кампања да ме најдат на парчиња спакуван во оној куфер што го најдоа во близината на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за којшто постоеше основано сомневање бидејќи имаше пријава за подметната бомба. Тоа е од новинар кој што важи близок до СДСМ, кое што ова раководство и одредени веб портали блиски до СДСМ го цитираат и го објавуваат. Вие да кажете дека не ме мразите туку ме презирате, што би требало да е ниво над мразење, навистина чудна некоја реторика, не личи на човек кој што е редовен професор, посочи Мицкоски.