Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во подкастот „Каде се парите?“ истакна дека градот мора веднаш да се фокусира на три приоритети решавање на проблемот со отпадот, воспоставување функционален јавен транспорт и спроведување брзи мерки за намалување на загадувањето на воздухот.
„Мора да се среди отпадот, да се воспостави систем за интегрирано управување со отпад, мора да се реши јавниот транспорт и мора да се спроведат сериозни, краткорочни мерки за намалување на загадувањето“, изјави Шукова.
Таа објасни дека нејзината програма е изработена врз основа на три временски периоди: краткорочен, среднорочен и долгорочен, со системска поврзаност меѓу мерките. Дел од решенијата, како што е воведувањето на брзиот автобуски систем (БРТ), можат да се спроведат веднаш.
„Граѓаните очекуваат брзи и видливи резултати, но и континуитет во политиките. Она што е добро мора да продолжи, без разлика кој е градоначалник“, нагласи таа.
Шукова потенцира дека токму недостигот на континуитет е една од најголемите слабости во работењето на институциите и општините.
„Во изминатите години гледаме дека нема континуитет во работата. Она што е добро, често се прекинува само затоа што доаѓа нова гарнитура на власт. Ако сакаме поуспешно и подобро Скопје, мора да воспоставиме систем на континуитет и соработка меѓу сите институции“, истакна Шукова.
Таа додаде дека јавните претпријатија на Град Скопје моментално не функционираат и дека тоа мора итно да се промени.
„Само со заедничка работа и со институции што функционираат можеме да создадеме град во којшто граѓаните ќе имаат подобра услуга, почист воздух и поуреден јавен простор“, порача Шукова.