Во петок, со почеток во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија полурецитали ќе одржат виолинистот Леонардо Димоски (во пијано придружба на Виктор Рафајловски) и пијанистот Шкељзен Бафтиари. На програмата се дела од Прокофјев, Лист, Прошев и Шопен.
Леонардо Димоски е роден 2004 год. во Битола, Р. Македонија. Музичкото образование го започнува на шест годишна возраст во Прилеп во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка”, во класата на проф. Оливера Трајкова и ментор проф.Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 година е под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Средното образование го завршува во државното музичко училиште во Битола, во класата на проф. Оливера Трајкова. Во 2023 година започнува со студирање во Виена со проф. Кристина Шуклар, ментор проф. Павел Верников. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари: Лауреат е на меѓународни натпревари, добитник е на специјални, први, втори и трети награди на повеќе натпревари… Редовно настапува и на македонската сцена, вклучувајќи концерти во Прилеп, Битола и Скопје и настапи со Битолскиот Камерен Оркестар и Македонската Филхармонија. Учествува на семинари, работилници и проекти кои вклучуваат најразлични типови на импровизации и соработка со композитори на современа музика. Како плод на неговиот интерес во оваа го оформува „Емпати дуо“(дует на експериментални и концептуални импровизации) заедно со Киара Јанко (хармоника) со која што настапуваат на разни локации во Виена, како и во „Музикферајн“. Посетувал семинари и мастеркласови по виолина кај Михајло Куфојанакис, Пол Роцек, Теди Папаврами, Владимир Марковиќ, Рони Шпигел, Кирил Трусов, Павел Верников и други.
Шкељзен Бафтиари дипломирал со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов и завршил постдипломски студии со Cum Laude, во класата на светскиот познат пијанист Симон Трпчески со кој се уште има добра соработка. Основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ Илија Николовски Луј- Скопје во класата на проф. Људмила Романова. Пијано почнува да учи на 10-годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ „Тодор Скаловски- Тетоец“ во Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград. Оддржува солистички концерти во Тетово, Скопје, Струга, Приштина, Тирана, Софија, Охрид. Настапувал на неколку фестивали како „Охридско Лето“, „Есенски Музички Свечености“, „Скопско Лето“, „Денови на македонска музика“, „ДАМ“, „Шопен Пијано Фест“, „Косова Камерфест“, „РеМузика“, „Сцена на албанската сериозна музика“. Соработувал со познати диригенти и инструменталисти како Симон Трпчески, Шкељзен Доли, Сихана Бадивуку, Марија Ѓошевска, Дерек Хан, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев, Томас Херцог итн. Настапувал како солист со Лондон Сити Филхармоник, Македонска Филхармонија, Симфонискиот Оркестар на ФМУ, Косовка Филхармонија и Симфонискиот орестар на Абанската РТВ. Покрај поголемиот број на снимки за радио и ТВ редовно учествувал на семинарите под раководство на проф. Борис Романов што се одржувале секоја година во Охрид.