Еврокомесарката за проширување Марта Кос, зборувајќи за резолуцијата за Србија за која ќе се гласа денеска, изјави за Н1 Србија дека ставот и на Комисијата и на Парламентот кон таа земја е строг, но фер.
„Мислам дека е во интерес и на ЕУ и на Србија да воведат демократска Србија во ЕУ, а за тоа имаме поддршка од членовите на Европскиот парламент. Од друга страна, тоа не може да се случи само така. Живееме во моменти кога мора да донесуваме стратешки одлуки. Србија мора да донесува стратешки одлуки што се јасни“, изјави таа.
Според неа, тоа значи дека не треба само усвојување на реформите на ЕУ, туку и нивно спроведување.
„Сакаме да видиме инклузивен процес на пристапување во кој се вклучени граѓанското општество, опозицијата, сите заинтересирани актери. Она што сакаме да го видиме се главно реформи во однос на почитувањето на основните права, во однос на судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и академската заедница, како и административни реформи – новиот РЕМ и избирачкиот список“, објасни таа.
Таа нагласи дека Србија мора да им дозволи на медиумите да работат, а кога беше прашана за ситуацијата со „Јунајтед Медиа“, таа изјави:
„Не смее да има никаков економски или политички притисок врз медиумите. Сепак, морам да нагласам дека ова не се случува само во Србија. Го гледаме насекаде. Од друга страна, во блиска иднина, за прв пат во историјата на Комисијата, ќе усвоиме посебна стратегија за граѓанското општество, па ќе работиме на план за отпорност на медиумите.“