Експлицитен и понижувачки говор на омраза кон ромската заедница во Неготино упати новоизбраниот советник од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков.
Во своја објава на социјалната мрежа Фејсбук на 20 октомври, ден по гласањето на првиот круг за Локални избори 2025, Темелков навредливо напиша:
„Ѓупците од Криволак со ѓупска работа решаваат со нас 15.000 во Неготино дали ќе живееме во здрава животна средина или ќе нè заебаваат во здрав памет со платени гласови… Тоа не може да биде и на Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“, вели меѓу другото новоизбраниот советник Темелков.
Овој излив на расизам предизвика остра реакција во јавноста.
Кандидатката за градоначалник на Неготино, Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ (која ќе учествува на Вториот круг на Локалните избори на 2 ноември, со предност пред нејзиниот противкандидат од СДСМ, Петар Мантев), јавно го осуди говорот на Темелков, оценувајќи го како навредлив и дискриминаторски.
„Без никакви докази, Темелков јавно зборуваше за наводно купување гласови, директно таргетирајќи ја ромската заедница и користејќи навредлив говор кој поттикнува поделби. Ваквото однесување не е ново – и јас бев цел на неговите лаги и омаловажувања“, изјави Нацева.
Таа упати целосна поддршка кон ромската заедница, повикувајќи на смиреност и институционална реакција.
„Како идна градоначалничка ќе бидам уште погласна во заштитата на ромската заедница – тие се нераскинлив дел од нашата иднина“, порача Нацева.
Партијата на Темелков, Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), предводена од Страшо Ангеловски, е позната по својата радикално десна, националистичка и проруска ориентација.
Настапот на советникот отвора сериозно прашање – дали ова е политичката култура и вредностите што се промовираат под знамето на МААК? Дали институциите ќе реагираат?
Расизмот не смее да биде политика, а омразата не може да биде идеологија!
Дехран Муратов во соработка со ТИМОТ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)
Фото: Принтскрин од Фејсбук објавата на советникот Љубе Темелков
Преземено: Цивил Медиа