Корекција: Татјана Соколова Ристова демантира дека ова е исказ од нејзино сведочење, односно вели дека тоа го кажал друг сведок.„Изјавата пренесена во текстот за судењето на Онкологија беше дадена од друго лице, а не од мене како што е наведено. Ве замолувам текстот да се коригира“, изјави за Фронтлајн, Соколова Ристова.
Во продолжение коригираниот текст
На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, во Основниот кривичен суд Скопје, сведочеше законски застапник на пациентка која 13 години се лекувала на Клиниката за онкологија, пренесува МИА.
Сведокот пред судот изјави дека лекувањето на нејзината мајка започнало кај друг доктор, но поради лошиот однос, пациентката одбивала да продолжи со терапијата. Особено се противела на хемотерапија, стравувајќи од губење на косата. По пренасочување кај доктор Никола Васев, таа започнала имунолошка терапија, која според сведокот, ѝ овозможила да живее со канцер тип 5 цели 13 години.
-Мајка ми не сакаше да прима хемотерапија бидејќи не сакаше да ѝ падне косата. За цела среќа кај доктор Нино Васев се падна лекувањето и примаше имунолошка терапија. Благодарна сум на доктор Нино Васев што мајка ми живееше толку долго со канцер тип 5, изјави сведокот.
Судењето е во фаза на доказна постапка, а денешното рочиште вклучуваше читање на докази од страна на Обвинителството кои, меѓу другото, вклучуваа списи од пронајдени лекови во канцеларијата на Васев. Воедно, двајцата денешни сведоци не се приклучија кон кривичниот прогон против обвинетиот Никола Васев.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка од ОЈО Сопје Ана Гоговска Јакимовска. Судењето продолжува на 5 ноември 2025 година.