Цивилизацијата на Маите од Централна Америка одамна е позната по своите импресивни достигнувања во астрономијата и математиката, но сè уште не се разбрани сите детали од нивните пресметки. Ново истражување, објавено во списанието Science Advances, конечно расветлува како древните Маи успевале да ги предвидат идните затемнувања со неверојатна прецизност.
Научниците го анализирале Дрезденскиот кодекс – најпознатиот зачуван ракопис за мајанската астрономија, и посебно т.н. табела за затемнувања која опфаќа 405 лунарни месеци. Иако претходно се сметаше дека табелата служела исклучиво за предвидување на затемнувања, новата студија открива дека нејзината основна намена била поинаква – таа првично била создадена како лунарен календар усогласен со астролошкиот календар на Маите од 260 дена.
Истражувачите математички покажале дека циклусот од 11.960 дена (405 лунарни месеци) совршено се совпаѓа со 46 циклуси на 260-дневниот календар, многу попрецизно отколку со циклусите на сончеви или лунарни затемнувања.
„Специјалистите за мајанскиот календар ги предвидувале сончевите затемнувања според датумите во нивниот 260-дневен дивинаторен календар“, пишуваат авторите. „Табелата за затемнувања произлегла од лунарен календар кој бил хармонизиран со истиот систем.“
Прецизност што траела со векови
Истражувањето открива и како Маите успеале да ги одржат своите пресметки точни повеќе од 700 години. Наместо да започнуваат нова табела секојпат, тие користеле преклопувачки циклуси: следната табела се ресетирала 223 или 358 месеци пред да заврши претходната, со што се коригирале ситните грешки што се наталожувале со текот на времето.
Овој модел бил потврден преку математичко споредување со историски податоци за вистински сончеви затемнувања видливи од териториите на Маите меѓу 350 и 1150 година.
Според тоа Маите развиле динамичен, самокорективен систем што им овозможувал да ги предвидуваат сите видливи сончеви затемнувања со прецизност што дури и современите астрономи ја сметаат за импресивна.
Редакција Фронтлајн





