Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека постои долга листа на луѓе кои би можеле да ја преземат челната позиција во американските Федерални резерви (ФЕД), остро критикувајќи го актуелниот претседател Џером Пауел, чиј мандат истекува во мај.
– Имаме неспособен шеф на ФЕД, имаме лош тип во ФЕД, но тој ќе замине за неколку месеци, а ние ќе донесеме некој нов, им рече Трамп на деловните лидери на вечерата во Токио за време на неговата еднонеделна посета на Азија.
Во своите изјави, Трамп го спомна американскиот министер за финансии Скот Бесент, велејќи дека тој „го смирува пазарот“, и додаде дека размислува за него кога станува збор за ФЕД.
– Но тој нема да ја прифати таа позиција. Сака да биде министер за финансии. Значи, всушност не го разгледуваме него, рече Трамп.
Притиснат со прашања за потенцијалните кандидати, според американскиот Ен-Би-Си, Трамп одговори дека разгледува „многу луѓе“.
– Размислувам за Марк, размислувам за Џејмисон, рече тој, мислејќи на американскиот државен секретар Марко Рубио и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Еден ден претходно, Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ рече дека сè уште го разгледува Бесент за прв човек на централната банка, и покрај тоа што претходно за време на летот изјави дека неговиот министер за финансии „не ја сака“ таа функција.
Бесент, неколку моменти пред тоа, рече дека планира да му претстави листа на кандидати на Трамп по Денот на благодарноста, бидејќи води потрагата по наследник на Џером Пауел, чиј мандат истекува во мај.





