Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, остро реагираше поради откажувањето на дебатата на Телма меѓу кандидатите за градоначалник на Скопје – Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„‼️Иако пред очите на целата јавност владиниот кандидат Орце Ѓорѓиевски јасно изјави дека ќе се појави на ТВ Телма и ќе се соочи со Мециновиќ – денес, на денот кога дебатата требаше да се одржи, дознаваме дека тоа сепак нема да се случи“, објави Апасиев.
Тој посочува дека поканата за гостување од Телма била испратена уште по завршувањето на првиот изборен круг и дека кандидатот на Левица веднаш ја прифатил.
„Додека Мециновиќ веднаш и без двоумење ја прифати поканата, Ѓорѓиевски со денови молчеше, избегнувајќи конкретен одговор. На т.н. дуел на Канал 5, Мециновиќ и јавно го праша дали ќе присуствува, на што Орце пред камерите изјави дека ‘нема проблем со тоа’“, наведува Апасиев.
Сепак, според него, „очигледно, проблем сепак имало“, бидејќи Телма ја откажала дебатата откако „владиниот кандидат не сакал да присуствува“.
„Со овој чекор, во демократска Македонија, граѓаните остануваат без суштинска, реална дебата помеѓу кандидатите за прв човек на главниот град“, додава Апасиев, оценувајќи дека „принцот од Белата палата“ не нашол храброст да се појави „на нормална, неисценирана, ненаместена, непристрасна дебата без подготвени прашања и одговори со кандидатот од Левица“.
Објавата завршува со хаштаговите #АмарЗаСкопје и #СкопјеСЕГА, кои ја следат кампањата на кандидатот на Левица за градоначалник на главниот град.





