Телевизија Телма реагираше на објавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Во интерес на вистината би сакале да потенцираме дека Телевизија Телма има еднаков, доследен и професионален однос кон сите кандидати на локалните избори,“ стои во реакцијата на медиумот.
Од Телма појаснуваат дека по одбивањето на дебатата од страна на Ѓорѓиевски, уредниците разговарале со Мециновиќ и му понудиле интервју истата вечер, по истиот принцип како и за другите кандидати.
„Мециновиќ културно се заблагодари на нашиот професионален однос, но не ја прифати поканата,“ наведуваат од Телма.
Во врска со самата дебата, од телевизијата додаваат дека таа не била официјално најавена, бидејќи до последен момент се чекала потврда од двајцата кандидати.
„Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, а Ѓорѓиевски во текот на вчерашниот ден испрати известување дека нема да гостува,“ стои во реакцијата.
Телма потсетува дека и во оваа изборна кампања, како и во сите претходни, ќе продолжи да известува професионално, непристрасно и рамноправно за сите учесници во изборниот процес.
 
			
 




 
 
