Во услови кога постојано повторува дека проширувањето е една од најмоќните геополитички алатки што и се на располагање на ЕУ, Европската комисија денеска ќе го презентира пакетот на извештаи за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во Унијата за 2025 година.
Неодамна, еврокомесарката за проширување Марта Кос истакна дека со поддршката на земјите кандидати на нивниот патот кон членство во ЕУ, Брисел манифестира дека може да им се спротивстави на оние сили што би сакале да ја дестабилизираат Унијата.
Според неа, проширувањето претставува клучна геополитичка алатка со која ЕУ покажува дека „всушност одговара на предизвиците со кои се соочува цела Европа“.
Кос додаде и дека со спроведувањето на процесот на проширување и со приемот на сите кандидати во ЕУ, блокот првпат во историјата може да се простира на „целиот континентален дел“ на Европа.
Но, ентузијазмот на Европската комисија, која постојано повторува дека е решена да го задржи процесот на проширување високо на својата агенда, не го споделуваат сите земји членки на ЕУ.
Европски дипломат за бриселскиот портал „Политико“ изјави дека чувството што преовладуваше пред две години дека одеднаш или во краток временски период на ЕУ може да и се приклучат осум до девет земји, некако е спласнато.
– Ова е дилемата со која Комисијата постојано се соочува. Таа сакаат да создадат „морков“ за земјите кандидати, но од друга страна, членките се доста тврдокорни и прифаќаат членство во клубот само на оние кои се навистина подготвени за тоа, смета дипломатот.
Според него, интересно е тоа што најскептични кон проширувањето се земји на ЕУ кои се граничат со потенцијалните нови членки.
Во такви услови, во намера да продолжи со процесот на проширување, Европската комисија би можеле да се определи за „фазно“ пристапување, кое би овозможило прием во фази.
„Политико“ наведува дека се говори оти ЕК наскоро ќе се изготви „договор за пристапување“, со цел да ги намали стравувањата на земјите на ЕУ од ризиците од приемот на нови членки во блокот. Тоа би можело да се направи со „ставање на чекање за одреден пробен период“ на некои клучни права на глас, како што е на пример ветото во надворешната политика.
Со лишување на новите земји од одредени права на глас за одреден период, според порталот, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен има за цел да ги смири стравувањата дека новите проширувања би можеле дополнително да ја поткопаат способноста на блокот за носење одлуки.
– Со други зборови: Колку и да звучи Комисијата оптимистички за проширувањето, скептиците во Советот воопшто не брзаат да го прошират клубот на ЕУ од неговите сегашни 27 членки, дури и ако бавното темпо создава фрустрација и простор за руско мешање, заклучува „Политико“.
			




