САД станаа втората земја по Израел што одби да учествува во ревизијата на Обединетите нации за својата евиденција за човекови права, оставајќи ги празни своите места на закажаната седница на работната група на Советот за човекови права на ОН одржана денеска во Женева.
САД, исто така, не доставиле национален извештај пред состанокот, соопшти работната група, формално забележувајќи го „недостигот на соработка“ од страна на Вашингтон, пренесе ДПА.
Одлуката нема директни последици, а групата ги покани САД да се приклучат на процесот подоцна.
Во соопштение, американската мисија во Женева изјави дека ОН „лажно се претставуваат дека се грижат за човековите права“, додека им дозволуваат на познати прекршители да ја користат организацијата за да се „заштитат од надзор“.
Во истото соопштение ОН се обвинуваат и за „непрекината пристрасност против Израел“.
Од 2008 година, сите 193 земји членки на ОН се должни да поминуваат низ таканаречената Сеопшта периодична ревизија (UPR) на своите човекови права приближно на секои пет години. Земјите поднесуваат извештаи за својот напредок, додека другите членки можат да поставуваат прашања и да даваат препораки.
Израел претходно беше единствената земја што ја прескокна својата ревизија во 2013 година, пред да ја обнови соработката неколку месеци подоцна.
САД се повлекоа од Советот за човекови права кратко време по враќањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа. Сепак, повлекувањето не ги ослободува земјите членки на ОН од обврската да учествуваат во процесот на UPR.
Активисти за човекови права предупредија дека авторитарните влади сега би можеле да го следат примерот на САД и да одбијат учество во идните ревизии.




