HBO официјално работи на нова телевизиска адаптација на „V for Vendetta“, дознава ексклузивно Variety. Серијата ќе ја пишува Пит Џексон, номиниран за БАФТА за драмата Somewhere Boy, додека Џејмс Ган и Питер Сафран од DC Studios ќе бидат извршни продуценти. Проектот е во рана фаза на развој под покровителство на Warner Bros. Television и британската продуцентска куќа Wall to Wall Media.
Иако HBO и DC сè уште не коментираат официјално, извори велат дека новата верзија ќе ја задржи суштината на оригиналниот графички роман на Алан Мур и Дејвид Лојд – приказна за дистописка Британија под власта на фашистичката партија Норсфајр, каде анархистот со маска „V“ се обидува да го урне режимот со помош на младата Иви Хамонд.
Култниот филм од 2005 година, со Хуго Вивинг и Натали Портман, во режија на Џејмс Мактег и сценарио на Вачовски, стана светски феномен и заработи над 130 милиони долари. Warner Bros. планира реиздание во киносали во ноември 2026, по повод 20-годишнината од филмот.
Новата серија ќе биде дел од поширокиот универзум на DC за HBO, каде веќе се емитуваат или се во подготовка продукции како „The Penguin“ со Колин Фарел – добитник на девет Еми награди – и „Lanterns“ со Кајл Чендлер и Арон Пјер, што треба да пристигне во 2026 година.
Интересно, ова не е прв обид за ТВ-верзија на „V for Vendetta“ – Channel 4 уште претходно се обиде со развој, но проектот беше стопиран. Дури и серијата „Pennyworth“, која го следеше младоста на батлерот на Брус Вејн, првично требаше да води кон истиот универзум, но беше откажана по три сезони.
Ако проектот навистина се реализира, анархистот со маска повторно ќе стане симбол на отпорот – овојпат низ призма на новата генерација гледачи и современите политички паралели.
Извор: Variety
Редакција Фронтлајн
Прочитајте и…







